(ВИДЕО) Холандскиот амбасадор Коп: Северна Македонија опасно си игра со оган
Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, кој е познат во јавноста по тоа што знае да го напушти дипломатскиот речник и да биде исклучително директен, во интервјуто за „360 степени“ образложува на што се должи остриот тон во неговите настапи во последната година и половина. Според него, во овој период земјата не само што не оди напред во ЕУ-реформите, туку и назадува.
360°: Амбасадоре, интервјуто ќе го почнам со цитат: „Што правите вие освен што трупате изговори за неисполнување на барањата за членство?! Зошто вие не ги извршивте потребните реформи пред петнаесет години како и другите земји? Наместо тоа, слушам дека Европската Унија е виновна и дека членството е заедничка одговорност, како и тоа дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нѐ оставате нас да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?!“ Ова го изјавивте пред околу еден месец. Освен јавните реакции што следуваа по вашата изјава, како изреагираа политичарите и другите чинители во земјава на состаноците што ги имавте зад затворени врати?
Дирк Јан Коп: „Моето прашање всушност беше – како е можно во 1991 година, кога пропадна СССР, животот во сите овие земји, од Естонија до Бугарија, беше многу потежок отколку во поранешна Југославија и, сепак, тие успеаја уште пред 15 години да станат членки на ЕУ, а државите кои ја сочинуваа Југославија не. Тоа прашање сè уште се поставува. Во меѓувреме, напредокот во реформите е закочен и тажната работа е дека сите го знаат тоа. Но, сепак, ќе ви дадам неколку примери, има неприфатлив политички притисок во процесот на избор на јавни обвинители, има неприфатлив политички притисок во процесот на избор на кандидати за Судскиот совет, има неприфатлив политички притисок врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд… Сетете се на изборот на контролори на летање во Скопје, кој беше под надворешен притисок. Зошто има недостиг на соодветни обвиненија по наодите на Антикорупциската комисија и Државниот ревизор? Неодамна имаше обид на судија да ја ограничи новинарската слобода и да ја ограничи моќта на истражувачките медиуми во предметот за клевета против ИРЛ. Ги имавме сериозно сомнителните процедури околу Коридорот 8, го имаме хаосот во Судскиот совет, а и неодамнешните амандмани на Кривичниот законик, со кои фактички се уништија предмети поврзани со корупција на високо ниво, исто така и ретроактивно, вклучувајќи и предмети на СЈО и во иднина ќе овозможат корумпирани криминалци да заминат слободни. Сето ова се натрупува. Моето прашање е каква врска има ова со Грција, со Бугарија или со ЕУ? Одговорот е – никаква. Ова се работи кои се случиле тука, никој однадвор не треба да се обвинува за тоа.“
360°: Некои велат дека со ваквите изјави излегувате од дипломатскиот мандат и дека се мешате во внатрешните работи на земјава. Како одговарате на овие критики?
Дирк Јан Коп: „Внатрешни? Влогот на Холандија е огромен. Тоа не е внатрешно прашање. Тоа е и наше прашање. Во интересот на мојата земја е да ја поддржи Северна Македонија на патот кон ЕУ, сакаме оваа земја да биде во ЕУ. Исто така, сметам дека е моја должност да видам што се случува со големата сума пари која овде ја трошиме. Во мојата земја граѓаните работат макотрпно за да ги платат даноците, живеат во една од земјите со најголеми даноци во светот. Кога ќе ги прашате – на што сакате да се трошат вашите пари? Тие ќе одговорат – локални училишта, локален здравствен систем, локални железнички станици, локална полиција и ние треба да бидеме во можност да ги погледнеме граѓани во очи и да им објасниме зошто нивните пари не се потрошени на локални болници, туку се потрошени во Северна Македонија. По минатонеделните избори во Холандија, гледаме брз пораст на партии кои се против проширувањето или ако сè уште се за проширувањето тогаш тоа е само ако условите се исполнат и тука се многу строги… Оттука, мојот впечаток е дека Северна Македонија забрзано си игра со оган, игра една опасна игра. Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не може и понатаму таа поддршка да ја земате здраво за готово, треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо или, како што стравувам, таа можност може да исчезне, во некој момент вратата ќе се затвори.“
360°: Кога ги споменавте парите на холандските граѓани, ме доведовте до другото прашање – дали сте задоволен од тоа што наодите во извештајот на ЕК за Северна Македонија се на иста линија со вашите критики, но, од друга страна, нели е ова неуспех и за самата Унија, која многу инвестира во реформскиот процес во државава, а исто и Холандија која е една од државите што најмногу вложуваат во тоа, во владеењето на правото?
Дирк Јан Коп: „Како да бидам задоволен со извештај кој покажува големи недостатоци и дури назадување?“
360°: Вие како да бевте визионер, она што го кажавте потоа беше наведено во извештајот.
Дирк Јан Коп: „ЕУ со месеци ги изработува овие извештаи и ние придонесуваме во содржината. Јас, повеќе или помалку, знаев што ќе има во извештајот… Но, не, многу сум незадоволен со извештајот, повеќе ќе сакав да видам извештај кој ќе покажеше дека Северна Македонија е на вистинскиот пат. Исто така, да се нарече ова неуспех на ЕУ – тоа не го гледам така… Каква врска има ЕУ со фактот дека вашите патишта низ вашата убава земја се полни со смет? Се чувствувам разочарано зашто кога дојдов тука пред повеќе од четири години сметав дека земјата е на вистинскиот пат.“
360°: А сега?
Дирк Јан Коп: „Сега, во изминатата година и половина или две години, тоа повеќе не го гледам. Како што реков, ЕУ помогна да се создадат многу структури, но тие се игнорирани. Штом помислите дека нешто ќе профункционира… Сметам дека одличен пример е со контролорите на летање – имавме 260 кандидати, компанија од Данска избра осум од нив, сите помисливме дека конечно имаме транспарентен и процес темелен на вредности, за потоа одборот, како што е наведено во заклучоците, да праша – чии деца се тие… Потоа, додадоа уште 26, меѓу кои и нивни деца. Така што, мислите дека процесот, конечно, добро е спроведен и на крајот тој застранува. Тоа е менталитетот и такви примери гледаме насекаде.“
360°: Да се навратиме на критиките што следуваа по вашите изјави – ќе го цитирам министерот за надворешни работи Бујар Османи кој рече „целосно не се согласува со Вас зашто работите не се црно-бели, туку дека има и сиво помеѓу“. Меѓу другото, тој рече дека не било вина на Северна Македонија што во 2019 година не ги почна преговорите за членство во ЕУ, туку процесот беше паузиран поради неформалното француско вето или барањето за нова методологија. Значи, тој тврди дека има некаква вина и кај ЕУ.
Дирк Јан Коп: „Многу добро го знам неговото размислување, редовно зборувам со него. Но, во овој наратив во кој, некако, за недостиг на напредок вина се наоѓа и кај ЕУ, секогаш се враќаме на рамките, на преговарачките рамки и, според мене, тоа само го одвлекува вниманието од она што навистина е потребно, а тоа е да се исполнуваат реформите. Ако се вратите на рамките – да, имаше поставени барања во минатото, сега тоа се уставните измени…“
360°: Кои не се лесен чекор.
Дирк Јан Коп: „Во минатото тоа беше новата методологија, Преспанскиот договор… Мојот аргумент е дека сето ова време рамката не беше важна за да се завршат реформите. Нив можевте да ги завршивте за време на процесите со вашите соседи, реформите можеа да се имплементираат додека се усвојуваше новата методологија, реформите можеа да се спроведуваат додека трае процесот на уставни измени и затоа претходно зборував за „трупањето изговори“. Рамките, сами по себе, не се важни. Реформите треба да ги спроведувате без оглед на рамките. Мислам дека Северна Македонија не го исполнува својот дел од договорот – нашиот договор е да ја внесеме Северна Македонија во ЕУ, а тоа значи ЕУ да даде финансиска и техничка поддршка, а Северна Македонија да ги заврши реформите.“
360°: Но, впечатокот кај граѓаните во изминатите години беше дека имаше „премногу стапови, а премалку моркови“. Таков беше впечатокот.
Дирк Јан Коп: „Мојот впечаток е дека ЕУ го исполни својот дел од договорот зашто потрошивме милијарди. Ако тоа не се доволно моркови…“
360°: Но, тоа не е опипливо за граѓаните.
Дирк Јан Коп: „Тоа не е проблем за ЕУ, туку за Владата зашто таа треба тоа да ги направи опипливо. Сепак, мислам дека го исполнивме нашиот дел од договорот со трошењето милијарди и овозможувањето техничка поддршка, но на другата страна гледам недостиг на политичка волја за вистинска посветеност за носење тешки одлуки. Тоа можеби е проблематично за некои одредени интересни групи, но би било многу добро за граѓаните ако тие одлуки се донесат. На целата земја ќе ѝ се помогне со носењето на тие одлуки. Ако не се справите со суштинскиот проблем како сеопфатната корупција итн., ќе биде невозможно тоа да се оствари. Но, крајно време е Северна Македонија да го исполни својот дел од договорено и, како што реков, низ цела Европа даночните обврзници почнуваат да ги прашуваат владите зошто продолжуваме да трошиме пари, не само во земјава или во Западен Балкан, во држави кои не го исполнуваат договореното – справување со корупцијата, непоткопување на демократијата, спорведување на владеењето на правото… Станува сè потешко да се одговори на овие прашања на нашите даночни обврзници.“
360°: Што може сега да се направи за да се поправи ситуацијата? Кои се најитните работи што треба да се завршат? Повеќепати зборувате дека актуелниот состав на Судскиот совет го загубил легитимитетот.
Дирк Јан Коп: „Најитната работа која е потребна е да се смени е менталитетот. Земјата навистина треба да сака да стане членка на ЕУ, навистина мора да е справи со корупцијата. Без тоа напредок во која било област е невозможен. Мислам дека би бил добар совет за земјата да биде исклучително внимателна во зачувувањето на својата прореформска демократија, заштита на слободата на говорот, да ја зачува релативната независност на медиумите… Без овие работи каков било напредок не можен. Што друго земјата треба да направи, зависи од Северна Македонија, таа е суверена земја и од неа зависи кои се нејзините приоритети. Таа вели дека сака да е членка на ЕУ и затоа треба, во таа рамка, прецизно да ги одреди приоритетите. Јасно е дека за Холандија најголема загриженост е владеењето на правото, но на крајот ова е ваша, а не наша земја.“
360°: Што со процесот на уставни измени? Споменавте неколку работи како приоритети… Знаеме дека уставните измени се во ќор-сокак поради блокадата на опозицијата која вели дека нема да гласа за промена на Уставот под бугарски диктат. Можни ли се промени на околностите и на содржината на Преговарачката рамка за кои зборува ВМРО-ДПМНЕ?
Дирк Јан Коп: „Многупати во јавноста кажав дека ова прашање не е важно. Цела оваа опседнатост со уставните измени само дефокусира од неопходните реформи. Уставните измени се билатерален договор меѓу Северна Македонија и Бугарија и нема ништо со нас. Единственото нешто што Европскиот совет кажа е дека кога измените ќе се случат ќе продолжите со преговорите. Но, повторно, зборуваме „преговарачка рамка“. Кога оваа рамка е тука, реформите мора да се имплементираат. Рамката е испреговарана, не може да се промени и ако г. Мицкоски вели дека по изборите ќе издејствува подобар договор не мислам дека тоа воопшто е реалистично, дури и возможно. Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие. Ако се сеќавате, Ковачевски стана премиер во приближно исто време кога и Петков стана премиер во Бугарија. Имаше многу прашање, имаше пет комисии кои требаше да преговараат под водство на француското претседателство и сето тоа беше сведено на едно прашање – малцинството во Уставот. Тоа беше договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, другото исчезна, што е добро. Мислам дека под овие околности ова е најдобар договор што Бугарија и Северна Македонија можеа да го добијат. Стартот на втората фаза од Меѓувладината конференција, кој зависи од уставните измени, нема ништо со самиот билатерален договор. Не, не гледам дека тоа ќе се промени…“
360°: Можеби ЕУ-возот ќе ја напушти станицата, како што и вие рековте?
Дирк Јан Коп: „Сметам дека е исклучително важен момент, дека е дојдено конечно време за Северна Македонија да си ја оформи својата иднина. Крајно време е Северна Македонија да стане господар на сопствената судбина и ние сме тука да помогнеме.“
Разговорот го водеше Владимир Мирчевски новинар во 360 мк