
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека утрово со засилено темпо продолжиле активностите за затрупување на делот од депонијата Дрисла од кој излегува чад, на површина приближно голема колку фудбалско игралиште.
„Отворен оган не може да се забележи, чадењето е делумно намалено, но сè уште присутно“, изјави Ангелов.
Тој посочи дека двата земјени пристапни патишта, кои вчера биле изработени како насип низ заезерената површина од отпадни води длабока околу 1,5 метри, значително го олеснуваат пристапот до критичниот дел.
„Во овој момент работат оптимален број на камиони, багери и булдожери, а како што ќе се создаваат услови нивниот број ќе се зголемува“, додаде директорот.
Ангелов нагласи дека на дивата депонија Вардариште нема горење ниту чадење, но продолжува затрупувањето на критичниот канал во кој претходно се разви пожар.