(ВИДЕО) Ивановска: ДКСК ќе објави листа на функционери кои платиле казни, а не ги доставија бараните документи

За крајот на мандатот на актуелниот состав, Државната комисија за спречување на корупцијата подготвува листа на функционери кои платиле парични казни за недоставување на бараните документи од страна на Комисијата. Главно соработката со именуваните и избраните функционери и институциите во изминатиот период беше добра но имаше и негативни примери, вели претседателката Билјана Ивановска во интервјуто за „Слободен печат“.

-Имаше негативни коишто по незнам колку пати ургенции, два – пати максимум или три најмногу, повторно не ги доставуваа документите и сега ние подготвуваме листа на тие тие коишто платиле казна, а не ни доставиле документи. И таа листа ќе ја објавиме како за крај на мандатот, и ќе може да се види кои биле тие институции но и поединци коишто и покрај тоа што добиле пријава по барање за документи, и по низа ургенции повторно не ни доставиле. Значи признаваат дека требал да достави, ама не доставил и ја плаќа казната, вели Ивановска за „Слободен печат“.

Една од тие ситуации е и со градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу кој до ДКСК не ги доставуваше документите за посочените дивоградби во Општината. Ганиу уредно ги плати казните, но не ја достави бараната документација на увид на ДКСК.

-Чаир стана страшно место со дивоградбите. Не се препознав Чаир, тоа е една најстара скопска населба, мене срце ме боли затоа што таму сум родена, стара чаирчанка сум. Чаир во превод значи ливада, тоа беше отворен простор со паркови, со се, сега не личи на ништо. Узурпирано е до даска, вели Иванвоска и додава дека тоа е смислено и направено.

Ивановска нагласува дека на листата ќе се најдат и функционерите кои не поднеле анкетни листови за имотната состојба

-Кога имаше промена на власта после локалните избори имаше многу избрани и именувани кои требаше да достават анкетни листови. Ние имавме една акција и излегоа тука над 700 лица коишто немаа доставено анкетен лист, по случаен избор од примерокот. Повеќето од нив си поднесоа анкетен лист, меѓутоа имаше околу десетина и за жал ние немаме понатаму алатка што да правиме со нив. Ете законот предвидува дека некој е совесен и си доставува. Ако заборави, ќе плати некоја минимална казна, а тоа е 150 евра. Од тие казните по 150 евра ние направивме 5,5 милиони во буџетот, вели Ивановска.

Претседателката на комисијата во заминување најави дека кон крајот на јануари ќе излезе годишен извештај за работењето на ДКСК во 2023 година. Во овој мандат од 2019 година досега Антикопрупциска сработи околу 5.500 предмети од корупција, околу 1.5000 предмети од имотна состојба.

Back to top button
Close