(ВИДЕО) Каевски: Претседавањето со ОБСЕ е историски успех на македонската држава

2023 година почна со огромен успех за македонската дипломатија, за македонската држава, изјави портпаролот на СДСМ и пратеник, Дарко Каевски.

„Од 1 јануари Северна Македонија е претседавач со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација, во која членуваат 57 држави, меѓу кои и САД и Русија. Во година во која сè уште трае руската агресија врз Украина, македонската дипломатија ќе има сериозен тест во одржување на светскиот мир и стабилност. Но, истовремено, ова е добра шанса за дополнително зајакнување на меѓународната позиција на нашата држава.

Ако пред само неколку години нашата држава беше категоризирана како заробена и потенцијален извор на нестабилност, денес Северна Македонија претседава со најголемата безбедносна организација во светот. Денес, нашата држава е полноправна членка на НАТО и ги почна преговорите за членство во ЕУ, со заштитен македонски јазик и со потврден македонски идентитет. Денес, седиме на главните маси, каде што се одлучува за иднината на Европа и светот.

Сето тоа, почитувани, е резултат на успешните и одговорни политики на Владата предводена од СДСМ“, рече Каевски.

Тој нагласи дека претседавањето со ОБСЕ е уште еден државнички успех на СДСМ и поттик за нови успеси на меѓународен и домашен план.

Како одговорна државотворна партија продолжуваме со реализација на политиките што го унапредуваат меѓународниот углед на државата, порача Каевски.

Back to top button
Close