(ВИДЕО) Кој е кој во медиумскиот сектор – БИРН промовираше база на податоци за сопствеништвото во медиумите

Кои се сопственици на медиумите во земјава, има ли сознанија за скриено сопствеништво и дали сопствениците имаат и други бизниси кои влијаат во известувањето и информирањето од страна на медиумот, покажува базата на податоци за медиумско сопствеништво на „Балканската истражувачка репортерска мрежа“ (БИРН) и меѓународната непрофитна организација „Глобален медиумски регистар“ (ГМР)

Во базата се опфатени највлијателните, односно најголемите телевизиии, радија, весници и онлајн медиуми.

База на податоци за медиумско сопс

На проектот се работело околу шест месеци, а како што посочи директорката на БИРН, Ана Петрушева, оваа алатка се обидува да даде одговори на дел од прашањата кој ги поседува медиумите, како луѓето можат да оценат веродостојни содржини и како новинарите квалитетно да работат ако не знаат кој ги контролира медиумите каде што работат.

Таа се осврна и на прашањето како регулаторот може да се бори против концентрација во медиумите ако не знае кој стои зад нив. Петрушева потенцира и дека според методологијата на МОМ – „Мониторинг на медиумско сопствеништво“ се бираат највлијателните медиуми, односно тие што имаат најголема публика во четирите типа на медиуми.

„Во нашата ситуација, тоа е и еден од наодите. Македонија има проблем кога се работи за мерење на публика затоа што постојат или парцијални или неверодостојни податоци. Во таа смисла, ние се водевме според регистарот кога ја правевме методологијата, односно како ја направивме селекцијата кои медиуми ќе влезат во оваа база. Се водевме според тоа кои се најголемите телевизии според регистарот, значи петте национални плус јавниот дифузер, како и најголемите кабелски и сателитски. Изборот беше прилично лесен кога се работи за радијата и печатените зашто ги има се помалку, така што критериумите беа да се на национално ниво и да имаат информативни содржини. Во таа смисла имаме покриено пет радија и пет печатени медиуми“,рече Петрушева.

Ана Петрушева, директорка на БИРН

Во базата, покрај сопственичките структури на медиумите, се наведени и финансиски информации, како приходи на медиумот и извори за медиумскиот профил.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, посочи дека е многу важно да се има јавен пристап до сопственоста на медиумите и да се знае деловно-политичкото влијание во медиумите за носење одлуки кај граѓаните, особено во предизборен период.

„Секој граѓанин има право да знае кој стои зад вестите кои ги конзумира, кој ја обликува медиумската агенда и да одлучи кои извори се релевантни , а кои не, и сето ова да се стави во контекст. Не значи дека секој сопственик нужно се вмешува во вестите , но важно е да постои јасност, чистина и транспарентност за граѓаните и читателите да одлучат каков е општиот контекст. Исто така многу е важно да се затвори празнината меѓу странското вмешување во информациите и Северна Македонија. Целосно стоиме зад оваа заложба и со нетрпение очекуваме да ја користиме базата на податоци која се надеваме дека ќе биде корисна алатка за пошироката заедница“,

порача евроамбасадорот Гир.

Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија

Базата на податоци ќе биде достапна на македонски, албански и англиски јазик, а е дел од поголем проект што, со поддршка од Европската Унија, се спроведува во сите земји од Балканскиот регион со идентична методологија дизајнирана од страна на „Глобалниот медиумски регистар“ што од 2021 делува како самостојна организација.

Back to top button
Close