(ВИДЕО) Кочо Анѓушев најмил лобисти за 1,5 милиони долари за да го симнат од „црната листа“ на САД

САД ги повлекоа санкциите против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, јави Ројтерс.

САД ги повлекоа санкциите за сојузникот на Путин наречен „Босанска мечка“, јави Политико.

Во уште неколку варијанти на наслови, повеќе светски медиуми на 29 и 30 октомври објавија за отстранувањето на доскорешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, од т.н. американска црна листа.

 

 

 

 

 

Преку лобисти до укинување санкции

Зошто и како се случи изненадувачкиот чекор, најзаинтересирани се во Босна и Херцеговина, особено во Република Српска.

„Се лицитира со различни информации. Од тоа дека Додик се согласил Босна и Херцеговина да влезе во НАТО, до различни други отстапки како природни ресурси или Електростопанство на Република Српска“,

изјави за Н1 Енес Хоџиќ, новинар на БИРН.Сомнежите растат а единствено сигурно е дека се вложени милиони во лобирање, објави Н1 во истата сторија.

„Зборуваме за средства од јавниот сектор на Република Српска, значи зборуваме за десетици милиони конвертибилни марки кои се вложени за лобирање, односно плаќање на лобисти ширум САД“,

изјави Желимир Нешковиќ, од СДСДека Додик лобираше во САД, и тоа преку институции на Република Српска, може лесно да се потврди. Во Америка лобирањето не е забрането, но има строги правила што вклучуваат и јавно објавување на таквите договори.

Епилогот во случајот Додик беше повод да ги провериме американските јавни регистри – има ли актуелни или поранешни македонски функционери кои имаат најмено лобисти во САД.

Кочо Анѓушев

Одговорот е има – еден. Станува збор за Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен сопственик на „Фероинвест“ и други бизниси.

Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер за економски прашања

Кога на 5 декември 2023 година беа воведени санкциите против него, од американскиот Стејт департмент соопштија:

„Ова назначување ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.“

Анѓушев се произнесе уште истиот ден дека силно се залагал за зачленувањето во НАТО и во ЕУ, но и:

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“.

Лобисти

Според јавниот регистар на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, на 20 март 2024 година, или околу три месеци по воведувањето на санкциите против него, формално е регистриран договорот за лобирање меѓу Кочо Анѓушев и компанијата „Рисрч сервис биро“. Во документот, како лобисти, се наведени четири лица: Кевин Кери (Kevin Carey), Пол Хач (Paul Hatch), Семјуел Морис (Samuel Morris) и Оливер Шерловски (Oliver Scherlofsky).

Факсимил од договорот со „Рисрч сервис биро“

Во описот на проблемот за кој се лобира стои кодот IMM, а во врска со делот 7031ц на одредбата за назначување од Стејт департментот. Со други зборови, се однесува на прашање за правото на САД да забранат влез на поединци и нивните семејства поради поврзаност со значителна корупција или кршење на човековите права.

Факсимил од договорот со „Валкур“

Само неколку дена подоцна, на 27 март 2024 година, до истата институција е поднесен втор договор за лобирање каде што клиент е Кочо Анѓушев. Во него, тој е застапуван од „Рисрч сервис биро“, а компанијата што лобира за него е „Валкур ЛЛЦ“. Како лобист, е наведено името на Метју Моверс.

Моверс е човек со значително дипломатско искуство, кој работел и на кампањата Трамп-Пенс, кога победија на претседателските избори во САД во 2016 година. На својата веб-страница, во личниот опис, пишува и:

„Политико“ го назначи Моверс како еден од „моќните играчи“ во Вашингтон поради неговата улога во обликувањето на американската надворешна политика.

Според јавно објавените документи, Моверс лобирал за истото прашање како и „Рисрч сервис биро“ – имиграција, во врска со забраната за патување.

На 1 април годинава, пак, во Претставничкиот дом на САД е пријавен нов лобист, за клиентот д-р Кочо Анѓушев. Фирмата е „Мерјкури паблик аферс“ ЛЛЦ, а пријавени се лобистите Брајан Ланза и Петер Куцик.

Во јавно достапниот профил за Брајан Ланза пишува дека е експерт за односи со јавноста и медиумски стратегии. Близок е и до Трамп, судејќи по фактот дека бил директор за комуникации на неговиот транзициски тим, а работел и за неговата кампања во 2016 година.

Петер Куцик, пак, е експерт за економски санкции. Работел седум години во Министерството за финансии на САД и тоа токму во одделот што ги воведува и менаџира санкциите – ОФАК.

Овие двајца експерти работеле на темата „Трговски прашања“ во американскиот Сенат, Претставничкиот дом, Стејт департментот и Извршната канцеларија на претседателот на САД.

Што точно сработеле овие три фирми и вкупно седум лобисти, не може да се прочита од јавно достапните документи. Но, од кварталните извештаи, може да се види колку приходи оствариле компаниите за конкретното лобирање.

„Рисрч сервис биро“ досега пријавиле приходи од клиентот Кочо Анѓушев од 400 000 американски долари. „Валкур“ ЛЛЦ пријавиле 110 000 долари. „Меркјури“, пак, досега декларирале приходи од д-р Кочо Анѓуев од 990 000 долари. Само за еден од овие договори, оној со „Валкур“, има известување дека во меѓувреме е раскинат.

Одговори

„360 степени“ степени се обрати и до поранешниот вицепремиер, преку „Фероинвест“. На нашето прво прашање – дали ангажирањето на лобистите е во насока на неговата изјава од пред две години дека ќе ја обжали одлуката за санкциите против него, ни одговорија:

Проф. д-р Кочо Анѓушев во последните две години е вклучен во официјална, транспарентна и законски пријавена институционална комуникација со надлежните органи на Соединетите Американски Држави, со цел повторно разгледување и ревидирање на мерката за визна рестрикција.

Постапката се спроведува во целосна усогласеност со законите на САД, вклучително и со Законот за регистрација на странски субјекти (FARA) и утврдените процедури на Стејт Департментот.

Адвокатите на проф. д-р Анѓушев спроведоа правни консултации со меѓународни адвокатски куќи, како Ferrari & Associates и други, кои оценија дека прашањето е административно и политичко, а не судско, и затоа неговото решавање треба да се води пред државните институции на САД, преку застапници за владини односи и институционална комуникација. Согласно тоа, беа ангажирани застапници од светски реномирани консултантски фирми.

На нашето следно прашање, дали со помош на лобистите во САД има некаква постапка за преиспитување на одлуката за санкциите, одговорот е:

,,Застапниците на г. Анѓушев ги презентираа аргументите во: Сенатот, Конгресот, Стејт департментот и Извршната канцеларија на претседателот. Поткрепено со 250 страници документација и јавни написи, застапниците докажаа пред американските институции дека во Северна Македонија постоеле долготрајни и координирани обиди да се конструираат правни обвиненија против г. Анѓушев – обиди организирани од негови политички и бизнис-опоненти, а во јавниот простор проширувани од неколку НВО и медиумски проекти, меѓу кои со интензивна активност се издвојува/ше и „360 степени“, како едни од главните извршители, што се потврдува и со оваа емисија.

И покрај тие напори, иако од 2020 г. до денес се сменија двајца јавни обвинители, и четворица премиери и влади од различни политички партии, не беше покренато ниту едно обвинение ниту донесена каква било судска пресуда против г. Анѓушев, од причина што не постојат ниту основи ниту докази за никакво дејствување надвор од законот.”

И, конечно, дали наскоро се очекува епилог од активностите преземени од САД?

,,Веруваме во праведноста на новата администрација на претседателот Трамп.”

Постапките поврзани со т.н. „црна листа“ на САД се доверливи, така што не може да се добие никаква подетална официјална информација за нив, сè до моментот кога одредено лице или правен ентитет се вбројува или отстранува од списокот на санкционирани.

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close