(ВИДЕО) Контраспин: Бадемово млеко за пратеничката Петровска, срамот за министерката Димитриеска-Кочоска
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска на седницата за пратенички прашања ја изврте вистината и ја навреди поранешната министерка за одбрана, пратеничка од редовите на СДСМ Славјанка Петровска. Таа видно изнервирана од собраниската говорница налутено ѝ се обрати на Петровска:
Спин: Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит… Е бидејќи се однесувате така како што се однесувате од овој момент и таа минимум почит ја немам.. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. И чисто вака да ви укажам да проверите на Државниот завод за статистика, согласно последниот попис што вие го направивте, во Македонија просечно е тричлено семејство, а не четири. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме и мора да одиме во еден од најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок, а не оние што се поскапи од 100 денари и се со иста грамажа како смрзантите. Исто беше искоментирано и во однос на литрите млеко. Некое семејство може троши и 18 литри млеко, меѓутоа има и такво што не пие. Бадемовото вас ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!
Контраспин: Ваквиот настап на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Собранието, во кој таа дрско и со невидена ароганција ѝ го оспори правото на пратеничката Петровска да говори околу трошоците на едно семејство, да спомнува мајки и деца, за разлика од неа која е мажена и има два сина, е целосно непримерен, олицетворение на некултура и примитивизам. Во својот дискриминаторски говор (1,59 до 3,20 од видеото), натежнат од навреди и омаловажување, министерката уште рече дека на Петровска дури не може да ѝ каже почитувана, бидејќи не ја заслужила нејзината почит!
Петровска не возврати на недоличниот говор само ѝ порача на министерката:
„Ако имаше дно, вие го пробивте“.
Што беше причината за изблик на гнев и навреди?
Пратеничка Петровска од собраниската говорницата најпрвин ја потсети министерката за финансии Димитриеска-Кочовска на една нејзина претходна изјава – дека таа не купувала грашок во конзерва и не сфаќа зошто таква храна е ставена во потрошувачка кошничка за 4-члено семејство во која има и 13 литри млеко. Потоа порачувајќи ѝ да не држи лекции за домаќинско пазарење, ја повика да го изнесе ставот по однос на прашањето за намалување на патните трошоци на пратениците и да каже зошто нејзината партија не го поддржала:
Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа.Јутјуб видео (0,45 до 1,53);
По ова стигна жестоката реакција од министерката за финансии која во канонадата навреди кон пратеничката Петровска на крајот онака најмалициозно ѝ порача:
Бадемовото (млеко) вас ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!
Со ваквото недолично, па дури безобразно однесување, Димитриеска-Кочоска која се обраќаше од собраниската говорница прво покажа отсуство на почит кон Собранието – втората по важност институција во државата која ја избира Владата, вклучително и министерката. Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата, па министерката е должна да ги почитува сите пратеници независно од нивната политичка провениенција, национална и етничка припадност. Така стојат работите според член 68 од Уставот, без разлика дали тоа ѝ се допаѓа или не на министерката, а ароганцијата и покажувањето сила може да си ги остави „за по дома“!
Да не говориме за ниските удари и напади на лична основа, што е нечовечки и срамно. Просто е несфатливо како министерката си зема за право да ги „означува“ пратениците дали имале или немале семејство и врз основа на таквото гледиште да одредува дали некој од е квалификуван и достоен да ѝ поставува прашања. Србите имаат убава поговорка за ваквите испади „Ме изеде (уби) туѓиот срам“!
Јавноста е згрозена од ваквиот настап на министерката. Во текот на денот се редеа реакции од нејзините сопартијци во СДСМ – лидерот Венко Филипче, Фатмир Битиќи, Форумот на жени на СДСМ, Левица.
Социјалдемократите говорот на Димитриеска-Кочоска го квалификуваа како класичен пример на дискриминација, а на денешната прес-конференција пред Министерството за финансии, побараа оставка од министерката. Од Левица ги осудија навредите кон Петровска како подли, мизогини и недостојни изблици на вмровските политичари.
Министерката „извадена од контекст“, Петровска најави претставка
И наместо по овој несреќен настап да најде начин да се извини, и на Собранието, и на пратеничката Петровска, но и на сите жени кои ете не се мајки – немаат две, три, пет деца, заради сплет на околности или самите така решиле, Димитриеска-Кочоска неколку часа подоцна преку објава на Фејсбук излезе со нови напади кон Петровска. Извлекувајќи се дека била извадена од контекст, таа ја обвини пратеничката дека „глумела жртва“
Ја разбирам хистеријата која СДС и нивните ботови ја шират околу мојот политички дуел во собранието со Славјанка Петровска.
Ноторен факт е дека Петровска изгради кариера од глумење жртва. Редицата причини за сожалување е долга. Секој нејзин настап е запаметен по тоа што по секој дуел се претставуваше како жртва за нешто. Но од друга страна денешната изведба на претставата жртва беше од истата говорница од која безочно напаѓаше и говореше за таткото на еден министер колега, или пак за синот на премиерот, иако и двајцата не се поврзани во никаков политички контекст. Таа госпоѓа немаше ниту мака иронично да се однесува, навредува, дофрла од место, а во моментот кога ќе се одговори нешто, тогаш таа прераснува во жртва.
Што се однесува до моите зборови кон Славјанка Петровска која лично како жена сум ја бранела кога многу други ја напаѓале, беа извадени од контекст и се толкувани како лична навреда….
Министерката Димитриеска Кочоска денеска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата изјави дека нејзиниот настап во Собранието бил „лажна тема“ и служела за дефокусирање на јавноста од поважни теми, па како што рече, оваа тема за неа е затворена.
Во сличен тон беше и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму порачаа дека „Петровска се претставува како жртва секогаш кога ќе биде повикана на одговорност, дека секој пат ја користи истата стара тактика – глуми нападната и го пренасочува фокусот од суштинските прашања“.
Пратеничката Петровска, пак, синоќа најави дека ќе поднесе претставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Во гостувањето емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24 таа рече:
Ова не е заради мене. Она што денеска се случи во јавноста не е заради Славјанка Петровска туку затоа што еднаш засекогаш мора да се стави стоп на ваквото однесување од страна на власта. И не е првпат премиерот и претставници на Владата да навредуваат, понижуваат и омаловажуваат пратеници на поставено прашање. Ако ние денеска зборуваме за парламентарна демократија тогаш секој треба да си го знае своето место. (Вистиномер)