Видео: Ковачевски: Нашата земја е безбедна, но нè очекува неизвесна економска година


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати пред јавноста во врска со актуелната украинска криза.

„Сведоци сме на немили настани кои сметавме дека се далеку од нас, и кои верувавме дека никогаш нема да се повторат на нашето и европско тло. Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе неколку животи силно го осудуваме“ истакна Ковачевски.

Според него, ваквите потези на Русија се прекршување на меѓународното право и закана за евроатланската безбедност.

„Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно ќе ги информира граѓаните“

Како што вели тој, Македонците треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, „ние уживаме и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот“.

„Ве уверувам, нашата земја е безбедна!“ вели тој.

Според Ковачевски, најголемите предизвици за државата се економските.

Поради воените дејствија, глобалната економска и енергетска криза се продлабочува. Не очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Ги следиме од блиску промените во светските економски текови и ќе делуваме во интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.

Како што вели тој, Владата ги овозможи сите ресурси и енергија да се пренасочат кон справување со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството.

„Ги покачуваме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите“ додава тој.

Тој вели дека Владата ќе работи за заштита на економијата, на животниот стандард на граѓаните, а секој денар од буџетот ќе биде насочен за полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата историја.

Back to top button
Close