Видео: Ковачевски во посета на млекара и винарија во Кавадарци: Владините мерки даваат резултати за стабилизација на цените на храната и јакнење на стратешките земјоделски култури

Со мерката поевтина струја од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, ги стабилизираме цените на пазарот, истакна попладнево премиерот Димитар Ковачевски, при посетата на млекарата „Млечен пат” во Кавадарци.

– Навистина е задоволство да се види како домашни семејни компании се развиваат, ги унапредуваат процесите за да зголемат производство, вработуваат и придонесуваат во економскиот развој на локално ниво. Ме радува кога квалитетни луѓе решаваат да си ја градат иднината дома, и не само својата, туку и да овозможат поубава денешница и иднина и на многу луѓе од локалната заедница. За тоа треба храброст, посветеност, но, и поддршка. Затоа Владата силно ги поддржува овие компании и во вакви услови на најголемата светска економска криза, затоа што тие треба да продолжат со своето динамично темпо на развој и да ја одржуваат својата ликвидност. Секоја компанија е важна и секој вработен во неа. Токму затоа и јас, како претседател на Владата, инсистирам секоја мерка, помош, субвенција, поддршка за граѓаните и економијата, што ја носиме да биде праведна и да биде сеопфатна. Оваа Влада мисли на сите, подвлече премиерот по разговорите со сопствениците и вработените и запознавањето со целиот производствен процес.
Таков е и последниот пакет мерки, вели тој, за заштита на домаќинствата и стопанството од поскапување, што е донесен минатата недела.

– Со новиот пакет мерки го зачувуваме стандардот на граѓаните и ги штитиме компаниите. Со мерката – поевтина струја од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, ги стабилизираме цените на пазарот. Производителите на основните производи веќе јавно соопштија дека со помошта од државата, тие цените би ги намалиле за најмалку 10 отсто. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија, додаде меѓу другото премиерот.
Со овие мерки, како што појасни Ковачевски, компаниите ќе имаат предвидлива есен и зима, бидејќи ќе знаат колкави ќе бидат нивните трошоци и како ќе може да функционираат.

– Јас силно верувам дека сите мерки кои ги носиме инклузивно во консултација и со стопанството и со сите засегнати страни, се корисни за компаниите во овие услови на најголема светска енергетска криза, рече Ковачевски и изрази уверување дека Владата е тука да ги поддржува компаниите и да создава предвидлив амбиент за нивно успешно планирање и работа.
Марина Манева, сопственик и технолог во компанијата „Млечен пат”, истакна декa владината мерка со која се обезбедува поевтина струја за компаниите како нивната, практично значи директна помош од Владата за стабилизирање на цената на млечните производи.

-Лично очекувам дека со воведувањето на оваа мерка и цената на млечните производи би се намалила 10 проценти до јануари 2023 година, можеме да планираме и дополнителни инвестиции и да го зголемиме производството на „Млечен пат”, но, исто така, се надеваме дека поддршката на Владата ќе продолжи и во наредниот период, истакна Манева.
Премиерот Ковачевски, попладнево ја посети и семејната винарија Јаковлевски во Кавадарци со семејна традиција долга повеќе од 50 години, кои од 2020 година се регистрирани и се една од 59 мали винарии кои ги искористија измените на Законот за вино и добија неповратен грант од 10.000 евра по корисник за поддршка во опрема и инвестиции.
Тој нагласи дека и покрај светската, прво здравствена, а сега и економско-енергетска криза, што се чувствува и во нашата држава, само за две години, во регистарот на производители на вино се запишале нови 70 мали винарии со капацитет до 50.000 литри вино, од кои 11 се правни и 59 физички лица.

– Ова е доказ на дело дека мерките даваат голем резултат, рече меѓу другото Ковачевски.
Со новиот, т.н де-каплинг (decoupling) систем, пак, земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, во тековната година кога конкурирале за субвенцијата, односно тогаш кога им се најпотребни парите. Дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги.
– Досегашниот систем, според којшто земјоделците добиваа субвенции без да прикажат дека оствариле производство, се заменува со прикажување резултати од вложувањето. При тоа, со новиот модел на субвенционирање не е предвидено намалување на средствата за земјоделците, туку поефикасна распределба на средствата и побрза исплата.

Нашата цел е да им помогнеме на земјоделците, тоа што тие го побараа од нас, да имаат предвидливо и одржливо земјоделско производство. Ова е бенефит и за земјоделците и за граѓаните и за државата и верувам дека ќе имаме успех и од оваа системска реформа. Оваа година, во најкризната 2022 година и сите заостанати субвенции ќе бидат исплатени, со што, повторно ќе порачам, покажуваме на дело што значи никој да не биде оставен сам и парите да одат кон граѓаните на кои им припаѓаат, односно вистинска грижа на државата кон нејзините граѓани, дециден беше Ковачевски.

Back to top button
Close