(ВИДЕО) Културата и уметноста се највисоката реализација на идеалите на правото и на етиката – Онлајн промоцијата на „Најстарите приказни“ Томислав Османли

Промоција на далечина, адекватно на пропишаните мерки за претпазливост

Писателот Томислав Османли,  вчера ја промовираше онлајн својата најнова книга. Збирка раскази „Нajстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“.

Книгата содржи митови од архајскиот период на медитеранските култури, наративи дојдени до нас преку грчката култура и писменост.

И денес смета дека културата и уметноста се највисоката реализација на идеалите на правото и на етиката. Античките митовите ги слушал како дете, им ги раскажувал на своите деца и сега ги прераскажува за следната генерација. Ова е негова втора книга за деца, по „Новиот цар“, објавена во 2017 година, исто така во издание на „Арс Ламина“.

Во својата нова книга раскажувате неколку од „најстарите приказни“ што оставиле и уште оставаат печат врз нашата култура и историја. Кога и како се роди идејата да ја напишете книгата „Најстарите приказни“?

– „Идејата да напишам книга со прераскажани митови е стара неколку години. Сакав да создадам еден вид потсетник за сложените текови на митолошките приказни наменети за моите внуци. За мене беше битно во нивното базично образование, покрај другите приказни, видно место да заземат овие наративи. Тие се културни темелници не само на западниот туку и цивилизациски духовни споменици на сиот свет. На почетокот тоа беше само еден ракопис со сложените перипетии на митските личности и херои. Врз тие основи тој потсетник од наративна скица прерасна во синопсис. Тој, пак, со постојани прецизирања, фактографски збогатувања и секако со веќе созреаната одлука да биде обликуван во книга– доби форма.

Притоа, имав забележано оти многубројни комерцијализирани варијанти се шират низ медиумите и се именуваат со имињата на определени митолошки приказни. Едноставно, децата и младите непрекинато добиваат искривени приказни што едвај и да имаат врска со нивните митолошки поводи. Тогаш си помислив дека е добро да направам книга во која ќе се обидам да ги претставам автентичните наративи…“

Back to top button
Close