Видео:Лани најмногу повреди на човекови права во делот на неможноста за добивање патни исправи, проблематична сфера и правосудството

Согласно годишниот извештај, најмногу прекршувања на човековите права лани имало во делот на граѓанските состојби, претежно врзани со неможноста за добивање на лични документи, поточно патните исправи. Правосудството е проблематична сфера со најмногу прекршувања и претставки од граѓаните, а има претставки и во однос на работата на извршителите. Проблематични се и прашањата поврзани со потрошувачките права, потенцираше денеска народниот правобранител Насер Зибери.

Тој информираше дека лани од граѓаните биле поднесени над 2.700 преставки. Народниот правобранител лани постапувал по 3.120 преставки, со оглед на фактот што одреден квантум на претставки се префрлуваат од претходната година.

Зибери денеска присуствуваше на конференцијата „Одговорност за човековите права: Националните одговори на препораките на Народниот правобранител и Универзалниот периодичен преглед за унапредување на човековите права“, на која се осврна на значењето на годишниот извештај на Народиот правобранител и спроведувањето на општите препораки во поглед на заштитата на човековите слободи и права.

-На Конференцијата ќе се дискутира за состојбата со човековите права во нашата земја, положбата на Народниот правобранител како клучен фактор во заштитата и спроведување на препораките на народниот правобранител, како општите така и посебните, како и за улогата на Собранието и Владата во спроведување на општите и посебните препораки. Во таа насока, ќе дискутираме и за тоа каде се дефектите, особено во делот на спроведување на општите препораки, рече Зибери.

Тој појасни дека општите препораки се спроведуваат многу бавно и тешко. Како резултат на тоа, потенцираше, при секој годишен извештај се повторуваат речиси истите општи препораки. Напомена дека Собранието со големо задоцнување го разгледува годишниот извештај и ги утврдува мерките за спроведување на општите препораки.

-Соодветно на тоа, Владата не се обврзува да постапува по општите препораки и не полага сметка пред Собранието за тоа како ги спроведува препораките на Народниот правобранител. Сепак, согласно законот и уставот, Владата е должна на секои шест месеци пред Собранието да поднесува извештај за текот на спроведувањето на општите препораки кои произлегуваат од годишниот извештај на Народниот правобранител, додаде Зибери.

На новинарско прашање каде согледуваат најмногу прекршувања во делот на човековите права, Зибери рече дека согласно годишниот извештај минатата година, повеќе повреди имало во делот на граѓанските состојби.

-Согласно годишниот извештај минатата година, повеќе повреди имаше во делот на граѓанските состојби и тоа претежно беше врзано за проблемот кој се појави со неможноста за добивање на лични документи, тука пред се мислам на патните исправи. Во целина, правосудството е проблематична сфера и има најмногу и прекршувања и претставки од страна на граѓаните. Тука голем простор зафаќаат претставките во однос на работата на извршителите, рече Зибери.

Секако, потенцираше, проблематични се и прашањата поврзани со потрошувачките права. Како што појасни, тука се јавува проблемот со наплата на сметките околу електричната енергија и водоснабдувањето.

Тој рече дека е задоволен во однос на спроведување на посебните препораки од институциите, врзани за претставките. Органите, појасни, соодветно реагираат.

-Задоволни сме во делот на спроведување на посебните препораки, кои се врзани за претставките. Органите соодветно реагираат. Се разбира, не сите во исто време и со ист квалитет. Но, кога се работи за општите препораки кои произлегуваат од годишниот извештај и спроведување на мерките кои ги утврдува Собранието за спроведување на истите, целосно сме незадоволни, од причина што Собранието на крајот на годината речиси секоја година ги утврдува тие мерки и со тоа Владата се ослободува од обврската да постапува по истите, додаде Зибери.

Тој напомена дека тука спаѓаат неколку иницијативи, како што се иницијативи за измена на законите, предлози за подобрување на состојбите во затворите, предлози за подобрување на работата на извршителската служба и неколку други препораки.

Овие иницијативи, како што посочи, Собранието со задоцнување ги утврдува, а Владата не е обврзана да постапува.

Според заменик претседателката на Собранието, Весна Бендевска, со години наназад се констатира дека концептот на заштита на човекови права преку државни инситтуции, како што е народниот правобранител, подразбира нивна независност, заради нивно ефикасно делување.

-Клучно е прашање за зголемување на независноста. Неформално говорам за суштинска независност во поглед на финансиското материјалното и капацитетот на човечкиот потенцијал што работи во оваа институција. Клучно е човечкото достоинство и еднаквоста, како принципи кои се темел на вредностите, начелата и идеалите на овој замислен концепт. Тоа се слободата, почитта, разбирањето, толеранцијата на разликите, недискриминацијата како принцип на заштита на правото на еднаквост на секој граѓанин, правдата и на крај одговорноста, рече Бендевска во своето обраќање денеска на конференцијата.

Според Бендевска, функционирањето на овој систем за остварување на заштита на човековите права претставува темел на вредност на секое општество што претендира да ја развива својата демократичност, отвореност и создавање на услови за благосостојба на граѓаните кои живеат во него.

-Институцијата Народен правобранител е најстарата државна институција, која работи на поле на човекови права и слободи и не е единствена. Во инситуционалниот систем постојат и комисиите кои заштитуваат поединечни ресорни права загарантирани со сите меѓународни конвенции со нашиот Устав, како што е правото на заштита на личните податоци, правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Не би го одбегнала и постоењето и на собраниска анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и овој систем е поставен на хартија и функционира, додаде Бендевска.

Таа потсети дека институцијата Народен правобранител во континуитет добива законска претпоставка и зголемена надлежност во многу важни полиња на заштита на човековите права.

Вториот панел на конференцијата е посветен на Имплементацијата на препораките на Универзалниот периодичен преглед, додека на третиот панел ќе се дискутира за потребата од финансиска и институционала независност на канцеларијата на Народниот правобранител согласно Париските принципи.

Конференцијата ја организира Народниот правобранител, со финансиска поддршка од норвешкото Министерство за надворешни работи, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.

Back to top button
Close