(ВИДЕО) Левица: Октопод во ДКСК – архивата алатка за прикривање на предмети од ДПМНЕ

До Левица пристигнуваат сериозни пријави за незаконско политичко влијание, судир на интереси и злоупотреба на функцијата во Државната комисија за спречување на корупцијата. Во центарот на овие сомнежи е членката на Комисијата – Цвета Ристовска.

Според пријавата, како што соопштија од партијата, „станува збор за воспоставена мрежа на контрола врз текот и исходот на предметите, врз документацијата и внатрешното функционирање на ДКСК – мрежа која служи на интересите на владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски. Имено, преку сомнително ангажирање на лицето Татјана Наќева во архивата со договор за дело, и покрај тоа што архивата веќе била кадровски екипирана, се воспоставувал филтер врз влезната и излезната пошта. Преку овој механизам, ангажираната Наќева ја алармирала членката Цвета Ристовска по што таа ги известувала предметните лица, селектирала предмети, ја забавувале или „заглавувале“ постапката – зависно од тоа дали се однесуваат на луѓе блиски до власта“.

„Татјана Наќева инаку е сопруга на новинарот Љупчо Наќев, кој воедно е и предавач на Универзитетот Скопје кај Аце Миленковски, кој отворено важи за испостава на ДПМНЕ. На истиот универзитет е вработен и нејзиниот син – Филип Наќев. А за потсетување, и самата Цвета Ристовска била ангажирана како предавач на истиот универзитет. Ова е мрежа во која се преплетуваат антикорупциска институција, партиски блиски медиумски кругови и универзитетска инфраструктура – октопод на власта на ДПМНЕ. Да потсетиме Цвета Ристовска беше известувач по предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што ДКСК утврди дека нема ништо спорно во неговото назначување и факултетската диплома од универзитетот каде Ристовска била професорка“ велат од Левица.

Преку ваквата мрежа, сметаат дека, „ДКСК систематски ги претвора флагрантните нерегуларности во аминувани и невидливи, а јавноста ја убедува дека е при очи слепа“.

Back to top button
Close