ВИДЕО: Луѓето во Македонија мора да разберат дека без шума нема услови за живот
Од 2010 до 2022 година, на територијата на Македонија се поднесени 20.789 прекршочни пријави поради нелегална сеча, а 2.570 пријави за кривични дела поврзани со дрвокрадство се поднесени до основно јавно обвинителство. Во борбата со нелегалната сеча, од која се заработуваат многу пари, експертите гледаат клучна улога во локалното население. Затоа треба да се работи на свеста на луѓето, за препознавање на вредноста на шумата – не само како економски фактор, туку и како основа за живот.
„На појавата на човекот на планетава му претходела појавата на шумата. Човекот не е свесен колку е зависен од шумскиот екосистем. Нема шумски екосистем, нема услови за живеење на човекот“, нагласува професор доктор Никола Николов од катедрата за шумарство при Шумарскиот факултет во Скопје.
„Кога оваа свесност ќе преовлада, дека шума претставува неверојатна вредност, тогаш верувам дека ќе имаме влијание на една друга свесност и тогаш нелегалната трговија со дрва и нелегалната сеча на дрвја општествено нема да биде прифатлива. Имаме сега примери во Централна или Северозападна Европа, каде ценењето на шумата меѓу населението е толку големо, што други делови од светот практично се смешкаат или се потсмеваат со љубовта на Германците кон шумата. Но, преку оваа љубов кон шумата природно се создава свест и внимание кај населението, што ја прави нелегалната сеча или кражбата на дрво речиси невозможна, бидејќи сите внимаваат на тоа и сите го отфрлаат тоа“, објаснува Александер Хелд, виш експерт во Европскиот институт за шуми – ЕФИ.
„И за мене локалното население е клучно. Бидејќи нелегалната сеча во поголеми размери и против противењето на локалното население е многу тешка. И вообичаено, барем некои од локалните жители, некако соработуваат со оние што прават нелегална сеча, затоа што имаат корист од тоа. Но, ако локалните жители се усогласени, ако сфатат дека тоа се нивни шуми и тие се важни, затоа што создаваат умерена микроклима, ги спречуваат поплавите, затоа што ја задржуваат водата, ја спречуваат ерозијата, затоа што ја чуваат почвата и ако навистина разберат дека шумите се клучни за нивната сопствена иднина, ова би можело да се промени, затоа што тогаш локалните жители ги штитат нивните шуми“, објаснува Габриел Швадерер, директор на германската фондација „ЕурoНатур“.
Војната во 2001 прва донела хаос во шумите на Шар Планина
Таков позитивен пример за свесност кај локалното население најдовме во Доброште на Шар Планина, каде здружението на граѓани „Шари беар“, формирано во 2018 година, се грижи за шумата.
„И ние во 2001 видовме војна и што во шумата, во планината ни се случи. Дрвокрадците, криволовците – хаос беше тука. И сега, ние видовме дека мора да преземеме нешто, со свои раце да го чуваме ова. Ова е наша природа. Ние сме имале проблем кога беше 2010, 2012 до тука сме имале многу сечење без контрола. Немаше контрола овде ни од шумското, ни од полицијата, ни ништо. И видовме дека мора да преземеме нешто. И видовме дека мора да преземеме нешто, да ги пријавиме и сами да ги сопреме тие да не сечат. Ова е наше богатство. Ако не го гледаме ние од селото тука како наше богатство, директорите од шумското се четири години, министерот е четири години и ќе замине. Тој нема многу интерес за нашата шума. Ние сме тука цел живот. Треба да го чуваме како наше богатство“, нагласува Ирфан Селими, претседател на месната заедница Доброште и на здружението „Шари беар“.
Крадење дрва и оставање отпад – напад на шумите од сите страни
Здружението ги прихранува мечките и така нема проблем со нив во селото. Нешто што е голем проблем во соседниот национален парк – Маврово. Причината е во тоа што го нема и што го има во шумата.
„Во природата на територијата на паркот буквално нема никаква природна храна. Значи, оскудно е од овошките, од дренки, јаболка, сливи, круши ит.н. Значи, сѐ што претставува нејзина храна. Затоа и се зачестени нападите во населените места. Мора да ги затвориме депониите. Основна причина за вакви штети во населени места се отворените депонии“, објаснува Томо Ѓорѓевски, раководител за заштита на шумите во НП Маврово.
„А, имате ли диви депонии“, го прашуваме раководителот во националниот парк. „Премногу“, вели тој. „Премногу диви депонии“? „Да“. „Во националниот парк…“, „Пемногу“. „И, не се прави ништо за да се исчистат“, продолжуваме да прашуваме. „Премногу микро депонии, коишто пробуваат и невладините со помош… Ако ви кажам дека сега ги прочистуваме, за една недела можеби двојно е поголемо. Како да се прави со намера, да ви кажам“, додава Томо Ѓорѓевски од НП Маврово.
Во паркот немаат регистрирано дрвокрадство и тоа се препишува на едуцирањето на населението, но и на отселувањето од паркот. Освен на свеста за вредноста, ама не онаа материјалната, на дрвјата, со населението треба да се работи, па и преку казнената политика, на односот кон отпадот и во шумите.
Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева
Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.
извор: нота.мк