(ВИДЕО) Македонската струја гори странски јаглен и ја распламтува својата цена

Меѓу јануари 2015 и септември 2025 година во Македонија за потребите на различни индустриски гранки, меѓу кои и производството на струја, под царинските стапки за камен јаглен, мрк јаглен и лигнит се увезени вкупни количини од 5.563.477.456 килограми. Претворено во евра, вкупната вредност на увезениот јаглен во тој период изнесува 338.321.680 евра.
Во ЕСМ ни рекоа дека увозите на јаглен за производство на струја почнале во 2020 година. Се увезувал јаглен од Косово, од Албанија, од Грција, а се купувал и од приватни јагленокопи во Струга и Берово. Вкупните количини на купен јаглен за термоелектраните Битола и Осломеј се 5.265.945 тони и за нив се платени скоро 18.894.575.575 денари без ДДВ, или 309.747.140,57 евра. Добивме податоци за договори склучени од 31 Декември 2020 година до 25.12.2024 година. Последниот договор е со важност до 25 Декември оваа година.
Производството на струја во Македонија е зависно од увозите на јаглен. Во Климатскиот и развоен извештај за Македонија на Светската банка, објавен во октомври минатата година, стои дека странскиот јаглен може да ја зголеми цената на струјата.
„Имајќи предвид дека Северна Македонија располага со ограничени резерви на лигнит, таквата продолжената зависност од јаглен најверојатно би барала зголемување на увозот на јаглен. Тоа, пак, би претставувало потенцијален ризик за енергетската безбедност на земјата, би ја зголемило просечната цена на производство на електрична енергија поради дополнителните транспортни трошоци и би наметнало финансиски товар врз економијата“, стои во Климатскиот и развоен извештај за Македонија на Светската банка, во кој се додава и дека: „Забрзувањето на енергетската транзиција за постигнување економија со нето нула емисии во Северна Македонија до 2050 година е изводливо, но ќе бара радикални трансформации и одлучни чекори. До 2030 година, Северна Македонија може да ја постигне целта за 2030 (намалување на емисиите за 82 проценти во споредба со нивото од 1990 година) преку затворање на производството на електрична енергија од јаглен и агресивно зголемување на капацитетите за соларна фотонапонска и ветерна енергија“.

Во добиената листата со договори, фирми, количини и платена услуга првиот договор е склучен на 31.12.2020 година е склучен со фирмата „Интерунион – груп – Скопје“, во сопственост на Неби Исуфи, која до скоро време поседуваше концесија за ископ на јаглен од струшкиот локалитет „Прискупштина“. На седница на 14 Октомври годинава, Владата „донесе Одлуката за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – јаглен на локалитетот ‘Пискупштина’, Општина Струга“, стои во записникот од 119 владина седница. Причините за раскинување на договорот за концесија ги даде општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради долгогодишна злоупотреба на договорот (ископување надвор од експлоатационото поле за кое е дадена дозвола), негрижа и непридржување кон обврските преземени од страна на концесионерот, истиот е раскинат. При експлоатацијата во целост е уништена патната инфраструктура која води до селото Пискупштина, а последниве неколку месеци поради континуираното горење на јагленот жителите од Долни Дримкол се изложени на континуирана изложеност на чад, со што директно е загрозено нивното здравје и се предизвикани штетни последици на животната средина. И покрај бројните претставки и реакции до надлежните служби во Општина Струга, не е постапено од нејзините инспекциски служби. Со години останале глуви на писмените барања да се излезе на терен и да се преземат чекори за почитување на концесионерските обврски“, стои во објавата на овој општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Прискупштина јаглен за РЕК Осломеј набавувале и фирмите „Мулти Шпед – Скопје“, како и „Промет Стил Холдинг – Скопје“. Вторава фирма е во сопствеништво на Абедин Алиу и неговата потесна фамилија. Тој се појави во медиумите пред три години, кога ги негираше обвинувањата дека увезува јаглен од Грција, наместо договорениот од Косово, за наводно да профитирал од разликата во цената. Неговата фирма „Промет Стил Холдинг – Скопје“ се јавува со пет договори за набавка на јаглен од Обилиќ во Косово, од Берово во Македонија, од струшкото Прискупштина, но и од Селенице во Албанија. Преку тие пет договори и четири анекси на договори за набавениот јаглен биле исплатени 1.857.323.200 денари или околу 30.447.000 евра.

Од албанското место Селенице јаглен увезувала и фирмата „Мулти Шпед – Скопје“, но и фирмите „Енергија ИКС ДОО Скопје“ и претставништвото на албанската фирма „Хај Тауерс – Албанија“. Оваа фирма набавувала јаглен и од Аљаруи и Аларуп во Албанија, за што во 2023 година со договори и анекси на договори за јаглен за РЕК Битола ѝ биле платени 2.045.313.600 денари или над 33,5 милиони евра. На „Енергија ИКС ДОО Скопје“ за јагленот од албанското место Селенице, но и од грчкото Ахлада ѝ биле исплатени 404.950.000 денари, или над 6,6 милиони евра.
Од Ахлада во Грција јаглен набавувале и фирмите „Куантум Солушнс ДООЕЛ Скопје“, „Протергиа Енерџи – Скопје“ и „Зобек Мининг Груп – Скопје“. Призма пред три години објави дека фирмите „Енергија ИКС ДОО Скопје“ и „Куантум Солушнс ДООЕЛ Скопје“ всупност имале ист газда – Аљибер Ибраими, и дека втората е регистирирана на денот кога Електрани на Северна Македонија распишале јавен повик за набавка на јаглен, а првата започнала да работи кога повикот веќе бил во тек.
Поради фимата „Зобек Мининг Груп – Скопје“ поранешниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, лани беше осомничен за злоупотреба на скужбена положба и овластување. За тој случај Финансова побара замрзнување на имотот на скопската фирма во сопственост на Енис Колашинац. Тој во изјава за ИРЛ годинава тврдеше дека не знаел дека бугарската фирма, што ја ангажирал за ископ на јаглен во Грција за потребите на РЕК Битола, е всушност на братот на Зоран Заев, Вице Заев. На фирмата на Колашинец преку договор и два анекси на договори ѝ биле исплатени 1.246.023.360 денари без ДДВ, или над 20,4 милиони евра. Можевме да видиме дека договорот потпишан на 18.09.2023 година бил дополнет со анекси на 12.12.2023 година и на 23.01.2024 година.
„Протергиа Енерџи – Скопје“ е фирма регистрирана во јули 2022 година како филијала на грчката Protergia AD, со директор Иоанис Калафатас и управител во Македонија Иоанис Јанакопулос и се занимава со трговија на големо со енергенси. На оваа фирма за снабдување со јаглен од грчкото место Ахлада со четири договори и еден анекс на договор ѝ биле исплатени 7.392.910.610 денари без ДДВ, или над 121 милион евра. Таа има активен договор, чија важност е до 25.12.2025 година.

РЕК Битола е снабдуван со јаглен од Грција и од Албанија и преку фирмата „Никопоулос – Битола“. Се носел јаглен од Кожани и од Просилио во Грција и Прасер и Валона во Албанија. Со два договори и еден анекс на договор на оваа фирма за грчкиот и албанскиот јаглен ѝ биле исплатени 1.414.740.700 денари без ДДВ или скоро 23,2 милионни евра.
Деветмесечен договор за снабдување со јаглен, меѓу декември 2023 и август 2024 година, имала фирмата „ИМИ – КОП – Скопје“, која го снабдила РЕК Битола со 150.000 тони јаглен за 604.477.500 денари без ДДВ, или над 9,9 милиони евра. Јагленот се носел од локацијата Забрдо во селото Живојно.
Медиумите низ годините информираа за формирани фирми-снабдувачи по објавени тендери, за слабиот квалитет на увезениот јаглен и за штетите во РЕК „Битола“ поради тоа. Пред две години проблем направи увезениот јаглен од Албанија. Лице во РЕК „Битола“ нѐ информираше дека се работело за битуменски јаглен, кој всушност е мек јаглен што содржи битумен. Тој има голема калориска вредност и бил мешан со песок, кој под висока температура станал стакло. Измешаните материи направиле цврста материја, која морала рачно да се вади. Во РЕК „Битола“ дознавме дека работникот, којшто направил извештај за овој проблем бил сменет од работното место. Тони Петрушевски е дипломиран машински инженер и е на функцијата директор во РЕК „Битола“ од 19 Септември 2024 година.

„Постојат сведоштва и технички записи од нашите официјални технички лица и тоа е само кажување према мене. Смеса на јаглен со висока калоричност била употребена кај Блок 3 и довела до поголема запалливост. Таа смеса, наречена јаглен, продолжила да се топи низ котловскиот дел, каде што довела до испад на Блок 3 и таа смеса откако се изладила создала некои налепнини, коишто било тешко понатаму да се отстранат од Блокот“, објаснува Петрушевски и додава: „Целата документација и сите официјални извештаи од тој ден се предадени во институциите и нели институциите треба да откријат што точно сушност се случило при користењето на тој јаглен, висококалоричен“.
Тони Апостоловски има 39-годишно работно искуство во РЕК „Битола“ и ни сведочи за тоа што го видел од користењето на неквалитетниот јаглен.
„Буквално ни се кристализира третиот блок од неквалитетен јаглен збогатен со неквалитетен мазут. Целиот котел се направи со обвивка, којашто мораше потоа рачно да ја кршат обвивката. Котелот е обвиткан со цевки. Низ цевките струи вода. И сега, во самиот котел, во внатрешноста на котелот, се вбризгува јагленова прашина, се вбризгува мазут. Тој согорува, прави јадро и го топи целиот котел, односно цевките. Е, сега, токму од неквалитетниот јаглен од Албанија, токму од неквалитетниот мазут, цевките како некој да ги измалтериса. Буквално се затвори, се затна целиот котел“, објаснува работникот Тони Апостоловски.

Блокот во 2023 година бил неколку месеци надвор од мрежата. Прашавме на различни места до кога ќе се произведува македонската струја од јаглен и разбравме дека конкретен план државата нема. Тоа го потврдува и Државниот завод за ревизија, кој во септември годинава ја објави ревизијата на успешноста на зелената транзиција.
„Термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи, кои до 2030 година треба да се затворат, сѐ уште немаат соодветна замена, бидејќи АД ЕСМ не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на електричната енергија на АД ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција“, наведува Државниот завод за ревизија.
РЕК „Битола“ сѐ уште живее во длабока старост. Прашањето е – уште колку долго и дали државата има време да ја поместува зелената транзиција и да остане зависна од увозите на јаглен?
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.






