(ВИДЕО) Мало рисче снимено во националниот парк „Шар Планина“

„На една од нашите трап-камери забележавме мајка рис со малечко, и двете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од 1 на 3 единки! По успехот минатата година, кога првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денес со огромна радост објавуваме дека и мајка со младенче е регистрирана на територија на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на нашиот тим“, информираат од НП „Шар планина“.
А најубавиот дел, како што велат е дека, колегата кој ја регистрирал снимката, ја добил честа да го даде и името.
„Мајката ја именувавме Сибел“, велат од Националниот парк.
Во објавата на Фејсбук, од Националниот парк „Шар планина“ споделија интересни факти за балканскиот рис:
– Балканскиот рис е територијално животно – секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 km². Тоа значи дека на Шар Планина може да се очекуваат многу мал број стабилни единки, но секој ново потврден рис е огромен чекор напред за видот.
– Храната на рисот главно се состои од: срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови кои се дел од шумскиот екосистем.
– Популациите на неговиот плен на Шара полека но стабилно растат, што создава подобри услови за опстанок на рисот.
– На територијата на НП Шар Планина ловот е целосно забранет, со што директно се придонесува кон заштита на рисот и неговиот плен.
Од Националниот парк исто така посочија дека оваа снимка ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот. Балканскиот рис е критично загрозен вид, а секој ваков момент, велат дека им враќа надеж и им покажува дека нивните напори носат резултати.
„А денес, во ЈУ Национален парк Шар Планина, славиме со мекици! Зашто вакви моменти се слават – со тимски дух, благодарност и голема радост“, порачаа од таму






