(ВИДЕО) Малолетничката деликвенција како дел од процесот на социјализација
Според Покраинската служба за криминалистика (ЛКА) во Северна Рајна-Вестфалија високата стапка на криминал меѓу децата и младинците со мигрантско потекло е помалку врзана со етничките, културните или религиозните аспекти, туку повеќе со распространета социјална маргинализација кај групата деца и младинци со мигрантско потекло. Малолетните деликвенти од Македонија, поранешните југословенски републики, Бугарија и Романија ги застапува и адвокатка со македонско потекло.
Полициската статистика за криминал во 2023 година покажа дека германската покраина Северна Рајна-Вестфалија има најголем број осомничени криминални деца и малолетници во Германија. Во Келн ја прашавме адвокатката Адријана Блажевска-Гицтавидис, која има и македонско потекло и застапува бројни малолетници од Македонија, поранешна Југославија, Романија и Бугарија – зошто кривичната одговорност започнува од 14-годишна возраст?
„Малолетникот е кривично одговорен ако во моментот на делото бил доволно зрел во менталниот и моралниот развој за да ја препознае погрешноста на своето дело и имал став дека прави кривично дело. Станува збор за тоа дали детето, дали малолетникот воопшто е способeн да разбере дека сторил кривично дело, а законодавецот веќе има размислено дека оваа можност сè уште не е присутна под старосната граница од 14 години – на некој начин да се препознае погрешноста на кривично дело, па оттука постои оваа старосна граница“, објаснува Блажевска-Гицтавидис.
По убиството на соученичка од страна на две тинејџерки во Германија повторно се отвори дебатата – дали старосната граница треба да се спушти под 14-годишна возраст?
„Секако дека има дискусии, но од многу аспекти овие дискусии се несуштински, бидејќи прво, повисоките казни, или кривичното право самo по себе, не мора да значат помал криминал. Ова го докажуваат и студиите. Ова не може и не мора да биде решението. Втората работа е дека концептот на образование и воспитување се применува во малолетничкото право. Затоа постои законот за малолетници. Не се работи за санкција. Се работи за концептот на образование и воспитување. А, воспитните мерки може да се покренат без намалување на старосната граница“, вели Блажевска-Гицтавидис.
Познавањето на неколку балкански јазици ѝ помага на адвокатката во застапувањето на малолетниците пред суд.
„Многу, многу често имам клиенти од Македонија, од Балканот, од Бугарија, затоа што секако дека односот на доверба, особено кога има јазични бариери, меѓу клиентот и бранителката е дефинитивно поголем, ако таа го зборува истиот јазик. Во таа насока, да, многу често имам клиенти кои свесно, целно ме бараат како адвокатка која зборува југословенски, македонски, бугарски јазик, за да остварат подобра комуникација“, објаснува Блажевска-Гицтавидис.
Факторите кои влијаат едно дете да стане деликвент се бројни и потекнуваат главно од средината во која детето расте.
„Социјални проблеми, проблеми во социјалната средина, дома, малтретирање какво и да е, работи што не можат да ги обработат и потоа, да, би рекла се кривично-правно манифестирани, социјална изолација, немање редовна дневна рутина, немање структура, лош круг на пријатели, семејни конфликти и недостиг на поддршка во ваквите конфликти од страна на властите – што значи дека детето е оставено само на себе и природно, да, постои можност тоа да го надомести преку криминални дејствија. Исто така, можеби доживува насилство и затоа има помало ниво на отпор кон насилството. Финансиски тешкотии, особено во областа на кражби или слично. Да, тоа се најчестите фактори“, вели адвокатката.
Во Покраинската служба за криминалистика во Дизелдорф нѝ објаснуваат дека деликвентното однесување е и типичен дел од процесот на социјализација на младите луѓе. Деликвентноста во детските или адолесцентни години вообичаено е привремена, објаснува портпаролката на Службата за криминалистика во Северна Рајна-Вестфалија.
„Во основа, за феноменот на детски и малолетнички криминал треба да се каже дека од криминолошки аспект, малолетничката деликвенција не е некој посебен феномен. Значи, тоа е дел од процесот на социјализација, што значи дека децата и младите ги преминуваат границите, ги тестираат границите и понекогаш стануваат деликвенти. Како по правило, ова исчезнува со адолесценцијата. Тоа значи дека таму нема потреба од правна или полициска интервенција. Значи, зборуваме за деликти како кражба во продавници или возење на црно, такви работи. И тоа едноставно престанува некогаш со зголемувањето на возраста“, објаснува Даниела Десел, портпаролка на Покраинската служба за криминалистика (ЛКА) во Северна Рајна-Вестфалија.
За оваа служба високата стапка на криминал меѓу децата и младинците со мигрантско потекло има помалку врска со етничко-културните или религиозните аспекти, „туку многу повеќе со распространета социјална маргинализација кај групата деца и младинци со мигрантско потекло“.
„Секогаш треба да го гледате ова од случај до случај, но секако може да кажете дека одредени заедници со мигрантско потекло може да живеат малку поизолирано. Дали ова се случува по сопствена волја, дали јазични бариери има во позадина или дали можеби е диктирано од општествени структури, може да се претпоставува, но таквата изолација секако може да доведе до помала вклученост на овие деца, кои растат таму, и можеби да се прифатат погрешни модели во процесот на социјализација. Ова значи, на пример, посебено насилна машка фигура или фигура со доминантна мажественост или нешто слично, што потоа всушност ги обликува децата и им овозможува да созреат во соодветни возрасни“, нагласува Десел.
Покрај во затвор, според одлука на суд, малолетните престапници во Германија може да се испратат и во притворска установа, за да добијат впечаток што ги очекува, доколку продолжат со криминал. Во Малолетничкиот притворски центар во Дизелдорф еден од притворениците е и 21-годишник со српско државјанство, кого го нарекуваме Артур. Тој украл пари и оружје од дилер на дрога, а продавал и марихуана. На детска возраст почнал со криминал, затоа што немал доволно финансиски средства како други деца.
„Се растеше во средина каде што криминалната енергија веќе беше многу висока, на многу високо ниво и со тоа е човек израснат. Ако некои оделе на училиште и имале студенти за пријатели и имале други цели, другите одат да крадат, имаат други цели и тоа го правеле од мали, како што и другите тоа го правеле од мали. Тоа едноставно те обликува, тоа едноставно те влече. И едноставно мислам, кога ќе се поврзе едно со друго, дека сте се зафркнале, во секој случај“, објаснува Артур.
Него го прашавме – дали воопшто немал можност да го избере другиот пат?
„Секако. Јасно. Но, овој пат беше едноставно забавен. Нема да лажам. Беше забавен. Ми се допаѓаше оној адреналин, а и момчињата исто така и човек меѓусебно се поддржуваше. Бевме кул“, нагласува Артур.
По углед на своите српски вујковци, тој сака да се школува за занаетчија, но и да им помогне на младите.,
„Можеби и да им помогнам на другите луѓе, да им пренесам нешто на помладите и да кажам дека од патот до овде нема корист, бидејќи момчињата со кои направив многу ср**а, повеќето од нив се во затвор. Едниот има девет години, еден има осум години, еден има шест години. Јас имам две недели! И две години условна за три години… Не, три години условна за две години затвор. Добро се извлеков од ова. Тоа беше мојата среќа. И мојата среќата морам да ја искористам за добро, а не за лошо“, вели Артур.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработници: Сања Петров и Маријан Чиријак
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Малолетни деликвенти – меѓу детството и криминалот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.