(ВИДЕО) Манасков: Во година на јубилејот на кодификацијата, ВМРО-ДПМНЕ го избриша македонскиот јазик од Европскиот Парламент
Прес на Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ
Во годината кога Македонија одбележува 80 години од историската кодификација на македонскиот стандарден јазик, симболот на нашиот идентитет, културен континуитет и државност, Владата на ВМРО ДПМНЕ на срамен начин дозволи да се избрише името, достоинството, македонскиот јазик во ЕУ.
Премиерот Мицкоски заради теснополитичките интереси ја отвори дебатата за македонскиот јазик во Европскиот парламент -нешто кое беше затворено, а јазикот дефиниран како единствен Македонски јазик, единствен Македонскиот народ.
Комисијата за образование и наука на СДСМ, изразува длабока загриженост од ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е само државнички срам, туку и доказ за неспособноста и некомпетентноста на ВМРО-ДПМНЕ да води дипломатија, да застапува национални интереси и да разбере што значи јазикот за идентитетот на еден народ.
Владата на ВМРО нема визија за јазичната политика, нема став во европските институции, ниту има глас кога се расправа за македонскиот идентитет. А најважно од сè – нема кичма да го брани македонскиот јазик.
Наместо да ја искористат годината на јубилејот за засилена меѓународна афирмација на македонскиот јазик, тие дозволуваат да се поднесуваат амандмани во Европскиот парламент со кои се брише неговото име, неговото значење и неговото постоење. И сето тоа со нивна тишина. Со нивна дозвола. Со нивен срам.
СДСМ беше партијата што обезбеди официјално признавање на македонскиот јазик во ЕУ со потпишување на договорот ФРОНТЕКС – без никакви додавки, фусноти и ѕвездички.
СДСМ ги заштити лекторатите, го поддржа Институтот за македонски јазик, вложи во стручна литература, медиумска присутност и јавна употреба на македонскиот јазик. СДСМ ја внесе македонската јазична приказна во европскиот дискурс со почит и јасна позиција.
Денес, после една година од Владата на ВМРО ДПМНЕ, сè тоа се брише.
Се враќаме во времиња кога македонскиот јазик се нарекуваше „наводен” или „регионален дијалект”. И тоа се случува со поддршка од домашната власт.
СДСМ остро ја осудува оваа неспособна, молчалива и сервилна политика на ВМРО-ДПМНЕ.
Го повикуваме премиерот Мицкоски, да излезе пред јавноста и јасно да се изјасни: дали го поддржува бришењето на македонскиот јазик од извештаите на ЕУ?
Дали ќе се изјасни во Брисел или пак ќе ќути како и за сите останати теми?
Исто така, ги повикуваме и сите граѓани, студенти, наставници, професори, уметници, медиуми да се приклучат кон заедничка борба за одбрана на македонскиот јазик како темел на идентитетот и иднината.
Македонскиот јазик не е изборен слоган, не е политички маркетинг ниту реквизит за митинзи- тој е нашата татковина изразена во зборови.
Како што рекол големиот Конески: „Сѐ додека го вардиме јазикот наш македонски, ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината”.
СДСМ нема да молчи. Ќе зборуваме со јазикот на вистината, достоинството, но и одговорноста.