(Видео) Марија Жоао Родригез: Договорите треба да се ревидираат

Грижи дека Европската Унија ќе ја изгуби причината за своето постоење и гласност дека е потребно отстранување на правото на вето, кое блокира значајни прашања за нејзиниот развој, се слуша сѐ повеќе меѓу актуелни и поранешни функционери во неа.

 

Марија Жоао Родригез, поранешна португалска министерка и европратеничка, која ја сметаат за “мајка на Лисабонската стратегија“ за излез од економската стагнација на ЕУ, учествувала и во изработката на Лисабонскиот договор. Него многумина го гледаат како усложнување на процесот на пристапување и интегрирање во ЕУ. Од временска дистанца Жоао Родригез за Нота.мк вели дека и тој и други договори треба да се ревидираат.

„Нам ни треба многу насочена ревизија на договорите. Лисабонскиот договор беше преговаран пред финансиската криза во 2007. Тој останува значаен во многу области, но нам ни е потребна надградба со конкретни цели. Најпрво би рекла поради проширувањето. Бидејќи сметаме дека проширувањето сега е врвен приоритет за Европската Унија. Tреба да спроведеме проширување. Ова е морален императив. Ова е всушност геостратешки главен приоритет. И, ова пред сѐ ги вклучува тие од Западен Балкан, кои чекаа долго. И, мора да осигураме дека процесот ќе е доволно брз, но исто така базиран на заслуги и предуслови“, вели Марија Жоао Родригез, која сега е претседателка на Фондацијата за европски прогресивни студии во Брисел.

Марија Жоао Родригез

И таа и други учесници на минатонеделната петта конференција во Сиена за Европа од иднината истакнаа дека е потребно внатрешно реформирање на Европската Унија за да се осигура дека процесот на носење одлуки останува ефективен. Тоа значи напуштање на ставањето вето.

„Добар пример е да се воведе гласање со квалификувано мнозинство во одредени области. Пред сѐ, во надворешните работи треба да имаме посебен вид на квалификувано мнозинство. Но, дефинитивно треба да го спречиме ризикот од ветo. Има и други области каде што треба да одиме побрзо кога се работи за индустриската политика, социјалната политика и оданочувањето. Затоа велам дека не ни треба голема ревизија на договорот, туку целна, со специфични точки, кои се многу добро идентификувани“, објаснува Жоао Родригез за Нота.мк.

(Лимитирани) можности за избегнување вето

Логично е прашањето како може оваа реформа да се направи, ако се има предвид дека за отстранување на едногласноста е потребна согласност од сите членки. Жоао Родригез вели дека има начини и за ревизија на договорите и за поинаков начин на гласање.

„Можеме да отидеме со таканаречениот Пасарел, каде што може да се случат некои целни ревизии, под услов тие да бидат всушност едногласни. Но, искуството покажа дека не е лесно да се искористи овој Пасарел механизам“, вели Жоао Родригез. Клаузулата Пасарел е постапка за премостување, која дозволува менување на законодавната процедура без формално менување на договорите. Таа е воведена со Лисабонскиот договор, но за нејзина примена е потребна претходна едногласна согласност.

Гласање - симолична слика

„Другата можност е да се направи истата работа што ја направивме со Лисабонскиот договор, што значи конвенција, која од моја гледна точка би требала да биде базирана на многу прецизен мандат, на лимитиран мандат. Но, тоа парадоксално може да биде најдобриот начин да се оди напред, бидејќи кога имаме пакет на прашања за преговарање, на крајот не можете да најдете компромис. Сепак, дозволете ми да подвлечам и дека конвенцијата е составена од претставници на европските институции и земјите-членки избрани намерно да ги ревидираат договорите и потоа мора тоа да биде следено од договор, кој ги вклучува земјите-членки како такви. Така што, тоа е сложен процес, но сме го направиле во минатото и сега имаме почетна точка, а тоа е извештајот од Европскиот парламент и треба да имаме реакцијата што ќе дојде од Европскиот совет. Ова е поентата. Во процес сме“, нагласува Марија Жоао Родригез во интервјуто за Нота.мк.

Покрај тоа, кога земја-членка не се согласува со колективната намера може со констуктивна апстиненција да се одлучи да се воздржи, наместо да стави вето. Заедничка акција или позиција може да се усвои со квалификувано мнозинство ако предлог за посебно отстапување поднесе високиот претставник за надворешна и безбедносна политика или таков мандат даде Европскиот совет.

„Европа се соочува со избор меѓу парализа, излез или интеграција“

„Руската воена агресија против Украина и одлуката на ЕУ да им додели статус на земја-кандидат на Грузија, Молдавија и Украина и да ги отвори пристапните преговори со Молдавија и Украина, исто така доведе до обновен фокус на процесот на интеграција во ЕУ на кандидатите и потенцијалните земји-кандидати од Западен Балкан“, стои на сајтот на Европскиот парламент.

Во него Марио Драги, поранешениот италијански премиер и поранешен претседател на Европската централна банка, во вторникот – една недела по објавувањето на неговиот извештај за европската конкурентност, нарачан од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, имаше обраќање нагласувајќи:

„Европа се соочува со избор меѓу парализа, излез или интеграција. Излезот беше испробан и не го даде она на што неговите поборници се надеваа. Парализата станува неодржлива додека се лизгаме кон поголема вознемиреност и несигурност. Значи, интеграцијата е нашата единствена надеж“.

Марио Драги и Урсула вон дер Лајен

Во својот извештај Драги нагласува дека гласањето со квалификувано мнозинство во Европскиот совет „треба да се прошири на повеќе области, па дури и да се генерализира“.

„Таканаречената клаузула ‘Пасарел’ може да се искористи за да се генерализира гласањето со квалификувано мнозинство во сите области на политика во Советот“, стои во извештајот на Драги.

„Европската Унија постои за да се осигура дека основните вредности на Европа секогаш се одржуваат: демократија, слобода, мир, еднаквост и просперитет во одржлива средина. Ако Европа повеќе не може да ги испорачува овие вредности за своите луѓе, тогаш ќе ја изгуби причината за своето постоење“, нагласи Драги во говорот пред европратениците.

Португалската политичарка вели дека верува оти проблемите од минатото и историјата не се толку релевантни и објаснува дека проширувањето ќе се прави на поинаков начин.

„Дозволете ми да подвлечам дека проширувањето веројатно ќе биде направено со поинаков пристап. Бидејќи нема да се оди во преговори за легислативата на ЕУ неколку години и на крај да треба да одите со конечна одлука дали ќе ја примите оваа земја како нова членка. Веројатно методот ќе биде друг, а тој е да се вклучат овие земји-кандидатки од сега па натаму во различни европски политики, подготвувајќи ги да бидат полноправни членки, но вклучувајќи ги во различни европски мрежи: за енергетика, за дигиталност, за размена, дури и за образовни и културни истражувања. И навистина да се подготват чекор по чекор и ако испорачуваат во овие реформи, тие треба да бидат поддржани во политичка и финансиска смисла. Така, што навистина мислам дека овој метод е многу подобар и ќе им се овозможи на овие земји-кандидати да почнат да се чувствуваат дека тие се навистина дел од истиот брод“, оценува Жоао Родригез.

 

Back to top button
Close