(ВИДЕО) Маричиќ по пресудата за „Млечен“: Ќе анализираме дали треба да се смени законот или судската пракса
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за „360 степени“ зборуваше за судската пресуда со условна казна за сообраќајката со смртен исход кај Млечен ресторан во Скопје која предизвика многу голем интерес во јавноста, како и општата пракса на мали казни за вакви сообраќајни несреќи.
Маричиќ го цитираше истражувањето на „360 Степени“ каде се анализираа 14 пресуди за сообраќајни незгоди кои завршиле со смртен исход каде обвинетиот признал вина а само во 5 од нив имало затворска казна, најголемата од нив 1 година затвор.
„Мислам дека ова е добра прилика да се направи една анализа од сите чинители поврзани со безбедноста на сообраќајот, Министерството за правда, МВР, судовите надлежни за прекршоци и оние за кривични дела, да направиме една анализа во којашто ќе видиме дали е законот проблем, дали е проблем судската пракса, па ако е проблем судската пракса да направиме некој начелен став, начелно мислење преку Врховниот суд, или пак е проблем спроведувањето на законот на улица преку сообраќајната полиција, имаме Републички совет за безбедноста во сообраќајот… мислам дека така е најдобро да пристапиме на овој проблем – системски, за да има ефект. Инаку секој може лично како граѓанин да коментира дали му се допаѓа или не пресудата но јас како министер за правда не би го правел тоа затоа што тогаш ќе испадне дека имам мислење колку и каква треба да биде пресудата“, рече Маричиќ.
Тој најави дека ќе иницира формирање работна група која ќе се занимава со ова прашање и во брз период од неколку недели или месеци да се излезе со конкретни препораки, дали треба да се смени законот или праксата.