(Видео) „Ми земаа кола од 700 евра! Да ми се врати оти со пет деца во шупа живеам“, протест на патот Битола-Охрид оти сакаат да возат без возачки

Социјалниот револт поради одземањето на возилата на лица кои управуваат без возачка дозвола кулминираше на патот Битола–Охрид, каде демонстрантите јавно ги изнесуваат своите лични приказни и причини за протестот.
„Ние сме од Битола, ние сме од нашите, некои немаме возачки. Денеска ми земаа 700 евра кола. Пет деца имам, во шупа живеам. Кај да одиме?“, вели еден од демонстрантите, објаснувајќи дека возилото за него не е луксуз, туку единствено средство за преживување.
Тој директно ги поврзува протестите и блокадите со последните законски измени со кои се предвидува задолжително одземање на возила управувани без возачка дозвола. „Гледај сега што направи претседателот со ова. Е сега гледај ние што правиме. Прилеп, Ресен, Битола – сѐ е блокирано. Уште 2000 души доаѓаат“, изјавува демонстрантот, нагласувајќи дека протестите се шират и дека незадоволството расте.
Во неговото обраќање доминира чувството на социјална безизлезност. „Без возачки што беа луѓето трпат за леб. Греотичка сме, кај да најдеме леб? Овде што сме ние, немаме возачки. Ни даваат по 50 евра социјално“, вели тој, додавајќи дека барањето е едноставно и директно: „Колата да ми се врати“.
Ваквите сведоштва ја отсликуваат атмосферата на протестите, каде што законските мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот се судираат со длабоки социјални проблеми и сиромаштија. Демонстрантите порачуваат дека за нив возилото претставува основно средство за егзистенција, а не прекршок од кој може лесно да се откажат, додека институциите најавуваат дека законот ќе се применува без исклучоци..
Видеото може да го погледате тука






