(ВИДЕО) Мицкоски ја претстави коалицијата „Твоја Македонија“: Седењето дома за изборите е глас за оние што ја уназадија државата

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“ е најмногубројната коалиција досега, составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија. Ова денеска пред седиштето на партијата го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и посочи дека потпишале повелба за стратегиско коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“.

„Тргнувајќи од целта за сеопшт политички и државен развој и напредокот на нашата татковина Република Македонија, констатирајќи го девастирачкиот карактер врз македонската економија, политика и националните интереси на актуелната владејачка клика, свесни за сериозноста на предизвиците пред кои е исправена Република Македонија во битката за сеопшт политички, економски, социјален и културен развој, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024 година целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување“,рече Мицкоски.

Според него, врвни приоритети на партиите членки на коалицијата „Твоја Македонија“ ќе бидат развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање нови работни места и подобар живот за граѓаните.

 

 

Носечки предизвик, пак, како што вели Мицкоски, се недвосмислената и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократија.

 

„Коалицијата ‘Твоја Македонија’ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“,

 

изјави тој.

Тој го нагласи разораното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика и, според Мицкоски, остануваат посветени на економската модернизација на татковината.

 

„Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците и другите инфраструктурни проекти“рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, коалицијата манифестира јасна и непоколеблива решителност да реализира реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи, како што вели, цврсто веруваат дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани.

„Апелираме да има масовна излезеност на овие избори, бидејќи неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт. Затоа излезеноста е клучот. Промените се во ваши раце“,вели Мицкоски.

На новинарското прашање што очекува од најавениот ТВ-дуел меѓу него и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, Мицкоски рече дека очекува да имаат сериозна дебата за иднината на Македонија и да ги кажат своите ставови како ја гледаат земјата во следните децении.

„Седум години се навршуваат од оваа Влада на СДСМ и ДУИ, која покажа се, само не, државотворност, сериозност и план за просперитетна иднина. На тој дуел очекувам да презентираме како ја гледаме Македонија во следните децении. Барем јас така ќе настапам. И посакувам успешен дуел кој ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе даде одговор на многу прашања кои граѓаните досега немале можност да ги слушнат“,рече Мицкоски.

Прашан за оптимизмот на Ковачевски дека ќе победи на изборите, Мицкоски вели дека не очекува дека тој ќе излезе и ќе развее бело знаме и ќе рече: „Предадени сме, завршена е работата“.

„Нормално дека Ковачевски ќе се обиде да најде да го мобилизира своето членство. И на нив им е јасно колкав ќе биде поразот. Тоа во моментот нас не нè загрижува. Целта ние да ја презентираме програмата пред што е можно повеќе граѓани. Да испратиме порака до граѓаните да се излезе и да се гласа. Фокусирани сме на една позитивна кампања, гледаме дека власта се фокусира на една црна кампања. Сакаме пред граѓаните да излеземе со понуда на решенија на проблемите кои сите граѓани ги чувствуваат. Нема да биде нешто ново ако излеземе и каже дека тие не чинат. Тоа го чувствуваат граѓаните. Сакаме да вратиме надеж кај граѓаните дека може да биде подобри“,вели тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека утре ќе се одржи конвенцијата за претставување на кандидатите за пратеници.

„Таму ќе упатиме значајни пораки“,рече тој.

На прашањето како ја оценува работата на се уште актуелните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека секогаш може подобро, но дека овој состав покажал една вонсериска цврстина.

„Покажаа карактер и една јасна обединетост, хомогенизација, нешто што досега не е видено на политичката сцена изминатите 32 години. Беа конструктивни кога требаше да бидат, ги штитеа интересите на граѓаните. Идните пратеници ќе можат да покажат како е не само во опозиција, туку и како мнозинство, обединети, да поддржат реформски процес во кој Македонија ќе биде трансформирана онака како што сакаше мојата, вашата, нашата генерација да ја види“,рече Мицкоски.

Back to top button
Close