(ВИДЕО) Мицкоски го дообјаснува случајот со РЕК „Битола“: Ако се отвори предистрага ќе се дознае вистината

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју за „360 степени“ подетално го објаснуваше случајот со РЕК „Битола“ што пред неколку дена го отворија во јавноста.

Според Мицкоски, случајот со наводи за изнуда на пари почнува во 2018 година. Тогаш, според опозициската партија, на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“. Барањето било одбиено од страна на „Рубитон“ со образложение дека не е правно изводливо, но како што рече Мицкоски, Ковачевски подоцна понудил друга опција, односно да платат 250 000 евра, во кеш.

Мицокски рече дека сопствениците на „Рубитон“ не сакале да ја дадат сумата, но тогаш, Ковачевски, наводно предложил парите да ги однесат во Вила Парк во Струмица кај лицето Вице Н.

„Еден од двајцата сопственици кои се жртва на оваа измама дојде кај мене и разговаравме. Меѓутоа, јас не сум истражен орган и затоа го упатив во МВР да даде исказ. МВР составило известување и било доставено до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и откако виделе дека таму се наоѓаат овие имиња кои се поврзуваат со семејството на власт, отишле определени луѓе, постојат одредени сомневања дека станува збор за лицето Лазе Велковски, иако не можам да тврдам дека е тој, го земал првичното известување да го коригира записникот и на втората верзија тој дел, со псоменување на одредени имиња, го нема“, рече Мицкоски.

Тој појасни дека овие две верзии на известувања, за кои вели дека имаат ист број, но печатот е на различно место, до него стигнале преку свиркач кој го објаснил начинот на кој е завршена целата активност.

„Чекавме определен период да видиме дали ќе се постапи по оваа пријава, но очигледно не се постапува и тогаш одлучивме како ВМРО-ДПМНЕ да ја известиме јавноста… Има единствен начин ова да се докаже и да се види дали е тоа така, а тоа е да се повикаат лицата кои се жртви на овој рекет, да се отвори предистрага и да се види дали е ова вистина или не е вистина“,

вели Мицкоски.

Опозицијата, вчера побара од Обвинителството да ги повика на распит братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, како и Стојан Чифлигароски, Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски, но и да ја прибави целокупната документација за случајот. Од Обвинителството, пак, рекоа дека надлежен обвинител постапува според она што е наведено во известувањето кое го добиле од МВР, а го повикаа Мицкоски да им достави докази доколку има измени во пријавата.

Back to top button
Close