ВИДЕО: Мицкоски го осуди националистичкото скандирање во Куманово. Биле мала група, не добиле поддршка од другите во салата
Мицкоски кажа дека скандирањето било од неколкумина навивачи кои што не наишле на поддршка од страна на останатите присутни во салата.(Фото: Влада)
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше Кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на поставувањето камен темелник на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ Скопје..
Во однос на мечот во Куманово, новинарско прашање му беше поставено и на министерот за спорт Борко Ристовски, конкретно зошто неговиот ресор не реагирал за случајот.
„Ние како Министерство не можеме да реагираме затоа што (скандирањето) не доаѓа од спортски субјект, доаѓа од навивачи, така што ние немаме апсолутно никаква ингеренција да реагираме кога доаѓа од навивачи. Меѓутоа, еве, нека биде ова апел дека во Македонија нема потреба од такви скандирања ни од едната, ни од другата, ни од која било страна. Ние ќе работиме најнапред на едукација на навивачките групи, навивачите дека секој има право да ја поддржува својата екипа, својата репрезентација, но дека вакви немили настани не смее да се случуваат. Од позиција на Министерство за спорт ние не можеме ништо друго освен да ги едуцираме и да апелираме“,изјави Ристовски.
Основното јавно обвинителство од Куманово отвори постапка и му издаде насоки на СВР Куманово за истражување на елементи на кривично дело поврзано со скандирања со говор на омраза од страна на непознати лица. Инцидентот се случи за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово.