(ВИДЕО) Мицкоски: Сега не можеме, но штом дојдеме на власт, ќе бараме одговорност за ова што се случува

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавува дека веднаш по формирањето на влада предводена од неговата партија, ќе стартува процес на корекција на сите грешки од актуелното државно раководство, но и одговорност за процесите кои се случуваат во овој период.

„Ќе имаме многу за корегирање кога ќе ја преземеме владата и ќе имаат што да одговорат овие политичари кога ќе бидат изведени на одговорност. Ако некој мисли дека ова ќе се заборави и дека секоја работа ќе трае два-три дена, се лаже. Наша обврска е тоа прашање да им го поставиме кога ќе дојде денот, бидејќи сега, со оваа заробено судство, обвинителство, органи на прогон, тешко дека може нешто да се направи. Но, ќе дојде денот кога ќе побараме одговор, зошто беше потребно сево ова?“ рече Мицкоски.

Вели дека денеска бил и меѓу своите колеги инжинери, на факултетот каде што работи, посочувајќи дека и тие, како и лингвистите се потресени и зачудени од случувањата.

„И колегите инжинери, исто како и лингвистите се згрозени. Просто, не им се верува дека кој било македонски политичар може да стави потпис на таков документ како што стави оваа влада. Посебно се потресени од едностраната изјава на владата за значењето на македонскиот јазик. Не знам зошто е потребно македонската влада да го појаснува македонскиот јазик кога тој има своја јасна антропологија, уште во времето на многу преродбеници во минатото. Кодифициран е тогаш кога е кодифициран, стандардизиран е тогаш кога е стандардизиран, и не ја гледам потребата на нашата влада да го ограничи на територијата на денешна Македонија. Небаре овие кои зборуваат македонски во околните држави зборуваат некој друг јазик“ изјави Мицкоски при денешната посета на скопската општина Аеродром.

Back to top button
Close