Видео: Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, зашто станал „левичарско-прелиберална“ средина

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Вечер“ ги повтори своите претходно кажани оценки дека се забележува зголемен тренд на враќање на македонските иселеници во земјава, нагласувајќи дека тоа е „јасен сигнал дека граѓаните повторно ја гледаат својата иднина дома“.

Тој наведе пример од неодамнешното враќање од Брисел, кога на летот од Франкфурт за Скопје бил испратен авион со значително поголем капацитет од вообичаениот. Мицкоски тврди дека ова не е изолиран случај, туку тренд кој сè почесто се забележува и кој, како што рече, носи голема одговорност за институциите.

„Мислам дека е моментот тие луѓе да си ги вратиме дома, а наша обврска како држава е да им понудиме работа, стабилност и услови за достоинствен живот“, вели премиерот.

„Тоа го слушам сè почесто — луѓе кои сакаат да се вратат ако како Влада им обезбедиме инвестиции, работни места, дел од нив да имаат можност за сопствен бизнис растеретени од притисокот дека секаде мора да се потплати за да успеат, едноставно да обезбедиме надеж“, додаде тој.

„Бидејќи таму веќе не се пронаоѓаат, ниту ја гледаат таа средина како место каде што треба нивните деца треба да се развиваат – од една страна левичарско прелиберална, а од друга страна обременета и под притисок од други култури, менталитети и сентименти кои се мешаат и создаваат притисок врз нив кој не можат да го издржат и убеден сум дека ќе сакаат да се вратат. Убеден сум дека со проактивни политики ќе успееме да ги вратиме“, рече Мицкоски.

Back to top button
Close