(ВИДЕО) Мицкоски во Будимпешта го цитираше Трамп и порача дека Македонија никогаш не се откажала од својот идентитет

Заокружувајќи го своето обраќање на конференцијата на конзервативните партии, македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на пријателите кои ги штитат конзервативните вредности, притоа посочувајќи на унгарскиот премиер Виктор Орбан за кого кажа дека е еден од лидерите кои ги промовираат вредностите во Европа и за чија активна улога треба да биде поддржан и поздравен

Татковината не се менува, не се напушта и не се продава – таа се брани и се гради! Македонија, иако мала, никогаш не се откажа од својот идентитет. Низ нашата многувековна историја научивме дека слободата се плаќа со жртви, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на конференцијата на конзрвативни партии ЦПАЦ (The Conservative Political Action Conference) што се одржува во унгарската престолнина, Будимпешта.

Од обраќањето на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на конференцијата на конзервативни партии – ЦПАЦ, што денеска се одржува во Будимпешта, Унгарија / Фото: Фејсбук-профил на Христијан Мицкоски

„Денес, на оваа престижна меѓународна платформа, се собираме со чувство на одговорност, но не само како претставници на различни нации и држави, туку првенствено како носители на заеднички идеали – идеали што ги обележаа најсветлите моменти во историјата на човештвото. Доаѓам од Балканот, од држава којашто е во срцето на Балканот, со длабоки корени, но и со јасна визија за иднината. Доаѓам од место во кое вековите нè научија дека вистинската сила доаѓа од верноста кон вечните вредности со кои никогаш не смее да се прават компромиси“,рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на почетокот на својот говор. 

Продолжувајќи во истиот контекст, тој рече дека дека во овие времиња, кога, како што наведе, лажните наративи се обидуваат да ги избришат или да ги релативизираат нашите национални идентитети, конзервативците се тука за да го потврдат спротивното.

Посочувајќи дека патриотизмот не е некаква ретро-идеја, туку единствен пат кон просперитетна иднина, Мицоски се осврна на основните столбови на што ја дефинираат конзервативната матрица.

Се осврна на христијанските вредности и во таа насока цитираше стих од Евангелието по Матеј во кој се вели: „Благословени се оние кои се гладни и жедни за правда, бидејќи тие ќе се наситат“.

„Во време кога христијанските вредности секој ден се напаѓаат, исмејуваат и исклучуваат од јавниот дискурс, ние сме повеќе од сигурни: никогаш нема да се откажеме од духовното наследство на рамноапостолите, светите браќа Кирил и Методиј кои од Македонија ја донесоа писменоста и христијанството помеѓу словенскиот свет“,рече Мицкоски.  

За татковината реле дека таа не е само географски поим, туку живо ткиво составено од историна, традиција и заеднички стремежи.

„Татковината не се менува, не се напушта и не се продава – таа се брани и се гради! Денес, во духот на соработката, длабоко ја цениме поддршката на нашите стратешки партнери, како што впрочем е и Унгарија – чиј пример нè инспирира уште повеќе да ги застапуваме вредностите во кои веруваме“,рече премиерот. 

Говорејќи во таа насока тој го цитираше и американскиот претседател, Доналд Трамп, кој, како што кажа во еден впечатлив говор кажал:

„’Основната потреба на нашето време е да имаме нации што ќе ги бранат своите култури, своите граници и своите вредности’ – беше споменато.  Ние, пак, застапниците на овие вредности, имаме обврска оваа идеја да ја прифатиме, да ја афирмираме и да ја реализираме“,рече Мицкоски. 

Back to top button
Close