(ВИДЕО) Милевски: Ова е циркус – не се знае каде е Сотир Лукровски

„Каде е градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски? Еден месец го нема, а нема ниту одговор. Општината е оставена без градоначалник, а последиците од неодговорноста и погрешните кадровски решенија на ВМРО ги трпат граѓаните. Општината се гуши во смет, јавните услуги се влошуваат, а граѓаните се оставени сами да се справуваат со проблемите. Од Лукровски и додека формално ја извршуваше функцијата, граѓаните не гледаа резултати од неговото работење. Единствената разлика денес е што никој не знае каде е. Затоа Карпошани со право прашуваат каде е градоначалникот на Карпош? До кога трае неговото боледување? Кој ја води Општината во негово отсуство? Дали е точно дека е поднесена оставка? И ако е така, зошто граѓаните не се официјално информирани?“ праша денеска Панче Милевски Панта – претседател на Општинската организација на СДСМ – Карпош.

Тој вели „карпошани имаат право да знаат дали плаќаат две градоначалнички функции, а реално немаат раководство кое целосно и одговорно ги решава нивните проблеми. Еве и денеска Мицоски му отвораше базен, а него го нема. Иако базенот е целосно завршен во време на СДСМ, а денеска е само церемонија, но Лукровски не се појави. Ова е циркус“.

„Додека народот се соочува со секојдневни реални проблеми, Мицкоски се занимава со отворање базени. Уште пострашно е што ВМРО и Мицкоски, кои се удираа в гради за Лукровски, сега се однесуваат како ништо да не се случува. Дополнително, се отвора прашањето дали вработените во Општина Карпош треба да стравуваат за своите плати, дали финансиската состојба е стабилна и дали ќе има нов ребаланс на буџетот кој дополнително ќе ги чини граѓаните. Карпош не смее да биде заложник на лични пресметки и институционален вакуум. Карпошани заслужуваат градоначалник кој е достапен и одговорен, кој е во служба на граѓаните. Ако Општина Карпош не може нормално да функционира, тогаш единственото демократско решение се предвремени локални избори – граѓаните повторно да одлучат кому ќе му ја доверат одговорноста да го води Карпош“ рече Милевски.

Back to top button
Close