(ВИДЕО) Милевски: Сомнителен молк на кандидатот на ДПМНЕ, Костадиновски за случајот Детонатор, за Пулс, дивата сеча и тепањето советник
Прес конференција, Гоце Милевски, кандидат за градоначалник на Виница

Чувствувам потреба и обврска како кандидат за градоначалник на Виница да ви се обратам на почетокот на изборниот процес во вториот круг.
Изборниот процес пред првиот круг во Виница започна со насилство, инциденти и нарачани апсења на неистомисленици на ВМРО–ДПМНЕ, а сега продолжува со закани, уцени и казни на секој чекор.
Веќе повеќе од година и пол, политичката, а во голема мера и институционалната моќ во Општина Виница, се концентрира во рацете на еден човек. Митко Костадиновски – Книжар.
Координатор на Општинскиот комитет Виница, началник на шумска полиција на државно ниво и истовремено кандидат за градоначалник – еден човек кој, според бројни сведоштва и реакции од јавноста, има влијание врз сите институции во општината.
Оваа концентрација на моќ не е случајна. Таа, според голем дел од граѓаните и јавноста, се одржува преку притисоци, уцени, поткупи и физички пресметки – не само со политички противници, туку и со сопствени партиски членови.
Се зборува дека истиот човек одлучува кој ќе биде началник на полиција, секретар на општина, директор на училиште, раководител или вработен во институција – па дури и како ќе се преуредуваат училници во училиштата.
Таквото владеење нема ништо заедничко со демократијата и разумот.
Тоа не е начин на управување што води кон развој, туку кон страв, поделби и злоупотреба на институциите за лични и партиски цели.
Во изминатиот период сите ние станавме сведоци на сè поагресивни обиди Виница да се стави под целосна контрола.
Таквото однесување не е политика, тоа е злоупотреба на моќ и целосно отсуство на морал и одговорност.
„Твојот човек од народот” на ВМРО–ДПМНЕ за Виница, според информации што кружат во јавноста, зад себе носи минато исполнето со контроверзии и сериозни сомнежи: поврзаност со случајот Детонатор, со ослободување на осомничен инспектор за пожарот во „Пулс”, со скандалот околу сечата на дрва во Малешевијата, како и со наводи за вмешаност во напад врз кандидат за советник од ромската заедница.
Сите овие случаи отвораат низа прашања за кои јавноста сè уште не добила одговор.
Изборот на Митко Костадиновски за градоначалник, според многумина, би значел ризик за иднината на нашиот град и на идните генерации.
Клучното прашање што останува без одговор е зошто досега нема ниту една негова јавна реакција или став за сите овие случаи?
На 02 ноември, вие, граѓаните на Виница, ќе одлучите по кој пат ќе тргне нашиот град.
Со пенкалото во рака, имате сила да ја вратите Виница во рацете на разумни и одговорни луѓе – без разлика на политичката припадност.
Упатувам порака до сите Виничани: не се плашете!
Не дозволувајте да ве уценуваат или поткупуваат. Не прифаќајте притисоци, а секој обид за закана или репресија охрабрувам да го пријавите.
Исто така, упатувам порака и до симпатизерите и членовите на ВМРО–ДПМНЕ Виница:
Време е партијата да си ја вратите во свои раце и повторно да се борите со идеи, програми и визија – а не со страв и насилство.
На 02 ноември, потврдете дека Виница не им припаѓа на поединци, туку на сите разумни и чесни граѓани што гледаат иднина во својот град.
Да покажеме дека со храброст, достоинство и одлучност можеме да ставиме крај на владеењето преку закани и уцени.
Народот одлучува. Народот избира. Изберете достоинство, а не страв.
Изберете промена, а не притисок. Изберете иднина, а не мрак. Заокружете број 5 за нормална, безбедна и напредна Виница!






