(ВИДЕО) Mинатото доаѓа

Параноичниот и самосожалувачки начин на читање на сопствената историја е крајно опасен, бидејќи поистоветувањето со позиција на жртва развива чувство на загрозеност, ја поттикнува нацијата постојано да биде подготвена за одбрана, но и за напад. Да се ​​биде жртва подразбира ослободување од сите етички норми, жртвата не може да биде виновна. И се и е однапред простено -стои во заклучокот на исклучителната стуја „Минатото доаѓа – Промените во толкувањето на минатот во српските учебници по историја во периодот помеѓу 1913 и 2021 година“ во авторство на Дубравка Стојановиќ која прави анализа на политичката и идеолошка цел зад бројните промени во содржината на учебниците во Србија.

Подолу може да го прочитате заклучокот на таа исклучителна студија која фрла светло на начините на кои државата влијае врз содржината на учебниците по историја и како резултат на тоа, “создава” колективно сеќавање.

Науката порано тргнуваше од фактот дека нацијата е заедница која има заедничка територија, јазик, религија и историја. Кога оваа дефиниција почна да се преиспитува, се заклучи дека речиси ниту една нација не живее на заокружена и јасно ограничена територија. Наведени беа примери кои покажаа дека припадниците на иста нација можат да зборуваат различни јазици, како швајцарците, како и дека ист јазик можат да зборуваат различни народи, како англиски, германски, шпански. За тоа дека припадниците на една иста нација често припаѓаат на различни религии не ни треба да се зборува.

Потоа, од крајот на осумдесеттите се појавија нови теории, кои ја дефинираа нацијата како замислена заедница, во која имагинарното е многу посилно и поважно од секоја реалност. Благодарение на ова, историјата престана да важи како интегрирачки фактор на нацијата. Новите школи на историографија започнаа од нова премиса: не е историјата таа што го врзува народот, туку заедничкото сеќавање.
Што е заедничко сеќавање? Ако знаеме дека историјата е дисциплина која ги анализира историските извори користејќи научни методи, како ќе дојдеме до заедничко сеќавање? Како настанува, кој го формулира? Теоретичарите се согласуваат дека сеќавањето е реконструкција на минатото во функција на сегашноста.Сегашноста одредува што ќе паметиме од минатото, таа е таа што го прави изборот на настаните што треба да се запомнат, ги толкува, нуди лекции кои треба да се запомнат. Сегашноста го диригира минатото како оркестар, како што сликовито напиша Итало Звево. Затоа сеќавањето е секогаш политички процес. Нема сеќавање надвор од социјалната рамка

Која е разликата помеѓу историјата и меморијата (сеќавањето)? Дали се ова само две фази од врската со минатото? Дали прво постои сеќавањето на некој настан, а потоа прераснува во историја? Или обратно? Не, ништо од тоа. Историјата и меморијата се спротивставености, напиша Пјер Нора, еден од иницијаторите на проучувањето на културата и политиката на сеќавањето. Сеќавањето е исткаено од емоции и страст, афективно е, ги сакрализира спомените. Историската наука е секуларна, научна, критичка и рационална. Сеќавањето постојано го повторува минатото во сегашноста, додека историјата го држи на дистанца и го фиксира во времето во кое се случило. Сеќавањето е апсолутна, историјата е релативна. Историјата е како хемија, сеќавањето како алхемија; Историјата е астрономија, меморијата е астрологија, вели друг голем француски историчар Жак Ле Гоф. Историјата бара сличности и континуитети, Сеќавањето бара особености и дисконтинуитети. Сеќавањето не гледа промени и фази во минатото, за историјата тие пак, се клучни, вели Јан Асман. Овој германски египтолог, исто така, вели дека за сеќавањето сè е единствено и неспоредливо, додека за историјата сè е универзално и предмет на споредба. За историјата минатото е завршено, за сеќавањето тоа не поминува, тоа е дел од сегашноста, напиша Филип Жутар.  Сеќавањето одвоено од историјата, стана вредност само по себе. Единствената врска помеѓу историјата и сеќавањето е во тоа што историјата како наука го проучува сеќавањето како посебен ентитет.

Каде се тука учебниците по историја?
Мислам дека и оваа книга ја докажа првичната хипотеза дека учебниците по историја не се производ на историографијата, туку и тие се дел од носителите на сеќавањето. Тие се „отпорни на влијанието на историографијата“, како што елегантно напишал Стефано Петрунгаро. Да не беше така, сите „заборавени“ или „препишани“ податоци анализирани во оваа книга не би можеле поинаку да се објаснат, исто како што не би можело толку многу да се сменат толкувањата на минатото како што се случи во последните сто години во српските училишни книги. Затоа можеби не е доволно да се каже дека учебниците по историја се обични носители на сеќавањето. Тие се, како што вели Сњежана Корен, „примарниот инструмент за пренесување на официјално санкционираното сеќавање“.

Затоа учебниците се опасни. Учениците сигурно нема да научат се што е напишано во нив. Уште помалку ќе запаметат. Но, заедно со другите носители на политиката на сеќавањето, учебниците учествуваат во формирањето на социјалната рамка на сеќавањето од која произлегува сеќавањето на секој поединец. Би се осмелила да кажам дека учебниците се можеби најважната алка во креирањето на оваа рамка, бидејќи тие се директен производ на државата. Тоа е државно одобрена политика на сеќавањето, а државата, како што вели Јелена Ѓуреиновиќ, нема конкуренција кога станува збор за производство на сеќавање. Борбата за монопол над сеќавањето е борба за моќ, а во таа борба државата е неприкосновен победник.

Државата е клучниот креатор на политиката на историјата, која, како што вели Магдалена Најбар Агичиќ, е на исто ниво со политиката на здравството, земјоделството, рударството… Затоа анализата на политиката на историјата е истовремено анализа на државната политика, поточно на самата држава. Политиката на историјата детектира дали државата е авторитарна, затоа што ја исклучува и забранува плуралноста на сеќавањата. Или дали е демократска, ако ја поттикнува. Дали нејзината идентитетска политика е затворена, исклучива и националистичка или не. Ако навистина сето ова можеме да го видиме од политиката на историјата на една земја, дали оваа книга ни помогна од тој агол, да ја погледнеме долгата историја на Србија од перспектива на балканските војни до денес? Ако е така, како изгледа таа историја? Размислувањата за ова ќе бидат претставени овде на три нивоа – промени во фактите, промени во конструкцијата на идентитетот и промени во филозофијата на историјата.

Промените на ниво на факти и нивни толкувања во српските учебници по историја објавени од 1913 до 2021 година ја потврдуваат тезата дека тие се целосно зависни од актуелните политички потреби на сегашноста. Затоа било можно некои од нив да не го споменат фактот дека „вечниот непријател“ Турција се борела на иста страна со Србија во Втората балканска војна. Така, во првите учебници издадени во социјализмот беше прескокната целата Втора балканска војна, за да не се замериме со тогаш пријателска, социјалистичка Бугарија. Поради влијанието на актуелните политички интереси, во учебниците објавени за време на постоењето на Југославија можеше да се најдат илјадници години процеси кои наводно неминовно доведоа до нејзино создавање, за по распаѓањето на заедничката држава, сето тоа да се тргне и да се каже дека југословенската идеја никогаш не постоела во Србија.

И фактите за Втората светска војна претрпле целосна промена. Така, по 2000-та година во учебниците можеше да се наиде на податок дека партизаните се тие кои соработувале со окупаторот и правеле злосторства, а четниците се прикажани како антифашисти. Фактите за четничката соработка со Германците и злосторствата се „заборавени“. Што да кажеме за тоа како е прикажуван Гаврило Принцип во последните сто години, кој од југословенски патриот во учебниците помеѓу војните, во социјалистичкиот период стана прогресивен младинец, за денес да биде српски херој.

Вакви драматични манипулации со историските факти не би биле возможни доколку учебниците беа дел од историографијата. Сите овие примери докажуваат дека се дел од високо променливото колективно сеќавање, директен резултат на државната политка на историја. Но, тие се и повеќе од тоа. Во многу аспекти тие се поблиску до книжевната фикција отколку до историската наука. Затоа што како да се објасни дека по распадот на Југославија, првата светска војна била прикажана како српски пораз, ако не поради влијанието на Добрица Ќосиќ? Исто е и со Втората светска војна. Во учебниците и таа е прикажана како српски пораз, меѓу другото и под влијание на книжевните дела кои во јавноста внесуваа ревизионистички наративи и ја поврзуваа Србија со четништвото. Како да не се забележи дека фактите изнесени во учебниците често изгледаат како да се земени од Книгата за Милутин на Данко Поповиќ, а не од постоечката историографска литература?

Но, во некои случаи, информациите што можат да се најдат во учебниците не се ни од литературата. Стефано Петрунгаро забележа дека најновите хрватски учебници се премногу под влијание на јавниот дискурс. Преведено на директен јазик, би можеле да кажеме дека српските учебници се поблиску до денешното таблоидно новинарство и кафанските разговори за минатото. Тоа го гледаме од описот на многу настани анализирани во оваа книга, особено на најновите.

Иако има многу научни книги за војните од 90-тите, и иако имаме достапни повеќе историски извори за нив отколку за Втората светска војна, настаните се претставени онака како што се претставени на насловните страници на провладини таблоиди. И тоа не само затоа што од фактите презентирани се само оние што одговараат на „нашата страна“, туку и затоа што јазикот на кој се пишуваат лекциите е сличен на оној од киосците. На пример, во повеќето најнови училишни книги пишува дека Зоран Ѓинѓиќ е убиен од криминалниот Земунски клан, иако на суд е докажано и пресудено дека атентатот го извршиле припадници на Специјалните антитерористички единици.

На второ ниво е прашањето за идентитетските формули кои се пренесуваат преку наставата по историја. Бидејќи, заедно со географијата и мајчиниот јазик, историјата, според документите на Министерството за образование, се смета за идентитетски предмет, особено е важно тука да се анализира степенот на злоупотреба од минатото. И не само затоа што училишните книги влијаат врз новите генерации и ги формираат, туку затоа што истовремено ја отсликуваат политиката и идеологијата на времето во кое се создаваат.

Вториот дел од оваа книга е посветен на идентитетските прашања. Сликата која се добива од оваа анализа е крајно загрижувачка.

Во оваа книга неколку пати е повторено дека поразите се поважни за нацијата од победите. Околу поразите заедницата се хомогенизира, околу нив се „збиваат редовите“.

Анализата на начинот на прикажување на победите и поразите во српските учебници во текот на минатиот век покажа дека со појавата на национализмот во политиката на историјата доаѓа до драматичен пресврт.

Од победничкиот наратив, кој гордо ги красеше сите генерации училишни книги издадени од времето на Балканските војни до деведесеттите години на 20 век, се преминува кон губитнички наратив. Поради националистичката потреба да се создаде психолошка основа за реваншизам, учебниците по историја од деведесеттите години почнуваат да ја прикажуваат српската историја како низа порази и пропуштени можности.

Ваквата презентација на минатото е последица на промената на односот кон Југославија, која, во доминантниот наратив, од вековен сон се претвори во ноќна мора и зандана за народот. Ако Југославија од најголема српска победа се претвори во најголем пораз, тогаш цела модерна историја го доби тој губитнички покров.

Она што е уште позагрижувачки е што поразот во учебниците е прикажан како трауматичен пораз. Траумата постојано се обновува, го парализира општеството и не му дозволува да излезе од таа состојба. Траумата е субверзивна и одмаздољубива, па Алаида Асман заклучува дека претворањето на траумата во чест наместо во достоинство, ја блокира можноста за развој на општеството. Заробеното општество е нечувствително на страдањето на другите, тоа е нарцисоидно, се гледа само себеси, го губи контактот со реалноста. Таквото општество ги искривува минатото, сегашноста и иднината, најчесто во контекст на теории на заговор, кои го опседнуваат, па затоа не може да види излез од длабоката криза.

Истиот резултат се добива и со анализа на сликите на хероите и жртвите во српските учебници по историја. Хероите, како и победите, се неопходни за подигнување на националната гордост и самодоверба, но жртвите се многу покорисни за националната мобилизација.

Тие будат сожалување и емпатија, благодарение на нив полесно се подигаат силни емоции. Оваа книга покажа дека во текот на последните 110 години во српските учебници имало сè – постојано зборување за жртви и херои, промени на позициите на врховната жртва и драматични промени на местото на главните злосторници. Но овде особено загрижува преминот од херојска во самовиктимизирачка слика на минатото, што е резултат на преовладувачката националистичка идеологија, се поголеменото затворање и самоизолацијата.Тој параноичен и самосожалувачки начин на читање на сопствената историја е крајно опасен, бидејќи поистоветувањето со жртвите развива чувство на загрозеност, ја поттикнува нацијата постојано да биде подготвена за одбрана, но и за напад. Да се ​​биде жртва подразбира ослободување од сите етички норми, жртвата не може да биде виновна. И се и е однапред простено.

Трет важен показател за идентитетската политика е начините на кои се прикажуваат „другите“. Поглавјето од оваа книга посветено на „пријателите“ и „непријателите“ yкажа на уште една многу вознемирувачка слика. Од Југославија, земја која се гордееше со своите врски со соседните народи и целиот свет, која беше промотор на мирниот соживот и водач на Третиот свет, стигнавме до Србија, која денес, судејќи по училишните книги, се гледа себеси како земја опкружена со непријатели. Таа ксенофобична и параноична слика, која постепено се појавуваше во текот на минатиот век, доживеа нагло влошување по победата на националистичката идеологија и со доаѓањето на власт на Слободан Милошевиќ. Од тогаш до денес, како „непријатели“ се прикажуваат и нациите кои ја сочинувале Југославија. Потоа сите западни народи. Потоа, поради силниот антикомунизам во последните генерации српски учебници на ред дојдоа Русите, односно Советите, кои се префрлија на страната на „непријателот“. Во тој период дури и ослободувањето на Србија во Втората светска војна беше прикажано како окупација. Од листата на „пријатели“ во еден од најновите учебници исчезнаа и Црногорците. Тие, во учебниците издадени по 2021 година, се придружија на листата народи што на србите им прават зло.

Оваа слика за минатото ја потврдува тезата на Ернест Ренан дека нацијата ја поврзува погрешното разбирање на минатото и омразата кон соседите. Меѓутоа, во српските учебници по историја објавени по 1990-тите, оваа омраза се проширува и врз другите народи, што уште еднаш сведочи на фактот дека учебниците се поблиску до јавниот дискурс за минатото, а не до научните резултати, бидејќи таква параноична слика за минатото нема во ниту една научна студија. Тоа е последица на ксенофобичното националистичко затворање од времето на Милошевиќ до денес, на неразбирањето на надворешниот свет и на анксиозната вкожуреност на српското општество, кое, како што рече Латинка Перовиќ, „паднало вон историјата“.

Конечно, каква филозофија на историјата можеме да видиме преку анализа на начините на кои минатото е претставено во училишните книги? Покрај сите манипулации со фактите, прикривање, избор или намерни фактографски грешки во учебниците, видливо е и паранаучното толкување на историјата.

Станува збор, пред сè, за начините на кои е претставено наводното движење на историјата. Тоа движење е прикажано на телеолошки начин. Во некои случаи, се тврди дека историјата се повторува, како кружно движење, вечното враќање кон истото. Овој поглед на историјата е детерминистички, според него иднината е однапред одредена, „историјата ќе се врати“.

Слично е и со друг телеолошки пристап, според кој историјата има цел. Според тоа видување, тој е прикажан како детерминиран, зададен пат, само што нејзиното движење не е циклично, туку линеарно. Оваа цел е идеолошки дефинирана, па затоа и се менува. Во времето на Кралството Југославија, учебниците покажаа дека 1.200 години историја имале една јасна цел – создавање на Југославија. Сето тоа време, сите пречки и сите настани се чинеше дека беа таму само за дополнително да ја зајакнат оваа цел. Во социјалистичка Југославија оваа цел беше комунистички поредок, создавање на бескласно општество и пропаст на државата. По распадот на Југославија и распадот на социјализмот остана само една цел – националната држава.

Историјата ќе ги заобиколи или прескокне сите пречки, ќе ги надмине неуспесите и погрешните одлуки и ќе доведе до држава во која ќе живее нашата нација.

Третиот тип на авторитарен пристап кон историјата во училишните книги е нејзиното претставување како природна појава. Така најчесто се зборува за војните. Тие се прикажани како летни бури, кои започнуваат локално, но потоа се разгоруваат и сами се шират. За нив се вели дека „избувнуваат“, „прелеваат“, „запалуваат“ или „распламтуваат“ или зафаќаат територии, како да се пожар. На учениците не им се објаснува дека војната е комплицирана и скапа работа, дека некој ја подготвува и планира, ја организира и финансира, ја иницира, снабдува… И во овој наратив, историјата изгледа како неминовност, исто како и појави во природата.

Сите три начини на опишување на историјата се детерминистички, фаталистички и недемократски. Детерминистичка и фаталистичка затоа што историјата е прикажана како сила која има одреден курс, курс кој постои независно од луѓето, управуван од закони слични на мистична виша сила. Се добива впечаток дека историјата управува со луѓето, а не тие со неа. Затоа ваквите толкувања на историјата се длабоко недемократски. Тие тргнуваат од тоа дека поединците и општествата не влијаат на историските настани, па затоа немаат никаква одговорност за нив. Како „извршители на историјата“ тие не одговараат. Во таквиот систем на верување, граѓаните ја губат желбата да учествуваат во политичкиот живот, што е основа на дефетизмот и на познатата изјава „и така не можеме ништо да промениме“. Според Карл Попер, таквото гледиште е најдобрата основа за затворено општество кое раѓа авторитарни поредоци, затоа што неизбежно се појавува „водач“ кој го спроведува налогот на „историјата“ и среќно го води народот кон „целта“.

Историјата не е ништо од овие работи. Таа нема цел, не оди никаде, па не може ни да се врати. Тоа е динамичен тек под влијание на низа долгорочни процеси проткаени со брзи политички настани во кои групи, општествени елити и поединци донесуваат одлуки. Оваа книга покажува и колку е манипулативна тезата за историјата како идентитетски предмет. Оваа теза ја поништува историјата како наука и ја сведува на некаква цивилна религија, која не смее да биде ставена под прашање. Затоа што „ние сме тоа што сме поради историјата“. Само – поради која историја? Бидејќи дијаметрално спротивните толкувања на минатото претставени во оваа книга недвосмислено ја докажуваат бесмисленоста на таквото тврдење. Или нашиот идентитет, исто така, дијаметрално се менувал со секој пресврт во толкувањето на историјата? Ова, исто така, потврдува дека еден народ не го чини заедничката историја, туку заедничкото сеќавање, кое целосно е израз на актуелните политички потреби. Тоа понатаму значи дека изградбата на идентитетот е само израз на истите секојдневни потреби, односно дека не постои цврст, стабилен, постојан и втемелен национален идентитет.

Сложеноста и многузначноста на историјата не е лесно да се пренесе во ограничениот простор на наставните програми, но би било доволно да се покаже мислењето на различни страни за еден настан или феномен. Да се каже дека во секој момент имало различни решенија, како и различни поединци и групи кои ги предлагале. Би се видело дека историјата е секогаш поле на избор, кое би ја отфрлило сликата за историјата како судбина на која луѓето не можат да влијаат. Така би се ослободил и наративот за минатото. Тоа веќе не би било догма, туку отворено поле за дијалог и спротивставени аргументи засновани на научно докажани факти.

Поентата на познавањето на историјата е да се набљудуваат сите понудени можности и да се размислува за причините зошто некоја преовладала. На овој начин се пренесува драгоцениот апарат на критичко размислување за минатото, кој може да помогне да се разбере сегашноста. Меѓутоа, наместо тоа, учениците се учат на историски детерминизам, кој го исклучува слободното и критичко размислување, и внесува систем на мислата во кој прапричината може да се менува по потреба, додека суштината останува недопрена. Суштината останува длабокото авторитарно разбирање на светот кое е постаро од секој друг систем. Од него се репродуцираат недемократски системи. Затоа е загрижувачка сликата за Србија која се добива со анализа на учебниците по историја како највпечатливи претставници на политиката на историјата на една земја.
На оваа слика Србија изгледа самоизолирано, ксенофобично, вознемирено и трауматизирано. Задачата на историјата како наука е, како што напиша Жак Ле Гоф, да го ослободи општеството, а не да го зароби. Историјата во Србија се изневери самата себе.

 

Дубравка Стојановиќ

извор: Pescanik

превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close