ВИДЕО | Минчев: Првичните изјави на Петков се охрабрувачки дека бугарско-македонскиот проблем ќе се реши

Се чини дека Бугарија конечно има шанси да формира Влада по изборите кои се одржаа викендов. Се прави еден блок со учество на 3-4 партии да се создаде политичка влада. На оваа тема и за тоа како течат првичните преговори во Бугарија, во Утрински брифинг разговаравме со Огњен Минчев, политиколог, предавач по политички науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“.

 

– Има високи очекувања овојпат да се формира влада и за тоа постојат неколку причини. На прво место е тоа што партијата на Слави Трифунов Има таков народ која на првите избори беше победник, на овие избори го зазема 5-тото место. Новата победничка партија на чело со Кирил Петков и Асен Василев е партија која се води од народ со различни желби и тие имаат намера да се спогодат со другите, сакаат да склучат коалициски споразум со сите други партии за да формираат влада, сакаат еден балансиран модел на владеење од сите четири партии, посочи професорот Минчев.

Освен политичката криза во Бугарија има и здравствена криза, ценовна криза, инфлација, и сред сето тоа во Бугарија има сериозна потреба од нормална влада формирана од мнозинството во парламентот, додаде Минчев.

Лидерот на Има таков народ, Слави Трифунов, вчера објави дека ќе стори се за да биде дел од новата вчада со цел конечно да се формира политичка влада.

– Четирите партии кои во моментов преговараат имаат црвена линија а тоа е ГЕРБ на Борисов и ДПС да не бидат вклучени во новата влада. Партијата на Трифунов е класичен популистички проект. На 11 јули ги доби гласовите на младите луѓе и емигрантите кои долго време беа апатични и неангажирани во политиката, тој ги анагажираше и очигледно дека не можеше да создаде влада и да постигне целите кои му ги поставија гласачите. И поради тоа неговата партија се класифицира на овие избори подоле. Тие гласачи преминаа кај Петков и Василев, односно имаме ситуација во која новите популисти ги изместија старите популисти, рече Минчев.

Што се однесува до резултатите од претседателските избори во првиот круг на кои актиелниот претседател Румен Радев освои најголем дел од гласовите, Минчев посочи дека не очекува сличен резултат и во вториот круг.

– Високиот рејтинг на Радев е традиционален рејтинг на бугарски претседател. Тој беше алтернативата на управувањето на ГЕРБ затоа и неговиот рејтинг е висок и се одрази на резултатите од гласањето. Вториот човек кој се пласираше на изборите Анастас Герџиков е  многу силен кандидат кој за брзо време направи добар резултат. Ако ги земеме високиот рејтинг на Радев и силната конкуренција на Герџиков, би рекол дека шансите се 50 на 50, оценува Минчев.

Во однос на развојот на бугарско-македонските односи и на прашањето дали има шанси да дојде до деблокација на македонската евроитеграција, Минчев вели дека првичните изјави на Петков се охрабрувачки, меѓутоа тој не е оптимист дека до 14 декември може да се формира Влада која ќе ги решава овие проблеми.

– Уште вчера почнаа разговорите меѓу 4-те партии кои треба да направат влада на чело со партијата Промените продолжуваат . Ќе се брза многу. Радев ќе го свика парламентарното Собрание и ќе имаме мнозинство кое ќе може да го разгледа тоа прашање. Дали ќе имаме влада до 14 декември не можам да предвидам, но има желба. Две од 4-те партии кои ќе влезат во владата многу се категорични за бугарскиот консензус за Декларацијата која се усвои во Парламентот. Не очекувам промена на бугарската позиција особено за кратко време. Очекувам основниот проблем на бугарската позиција да биде подобро дефиниран и формулиран. Мислам дека и новото мнозинство ќе се држи до бугарскиот консензус. Што се однесува до историја за да не бидеме толку нејасни и неразбрани, ставот во Бугарија е дека македонската државност како доктрина беше формира на антибугаркса основа, таа е титоистичка творба како резултат на конфронтацијата со Коминтерната. Оваа антибугарска политика можеби продолжува и денес и тоа е неприфатливо за Бугарија. Сето ова ќе биде ставено на масата за да се решава, а тука ќе се најдат и правата на Бугарите кои се граѓани на Северна Македонија. Сметам дека Петков и Василев се прагматици и тие прагматично ќе му пристапат на проблемот, посочи професорот Минчев.

 

Back to top button
Close