(Видео) Мирен протест во Охрид за поддршка на епископот атаниски, Партениј
Православни верници вчера (30 мај) излегоа не протест во Охрид на кој го изразија своето несогласување околу начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевска епархија, пренесе порталот „Религија.мк“.

Движејќи се низ центарот на градот и извикувајќи „Достоен“ тие бараат кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија да биде епископот Атаниски Партениј.
Верниците на протестот кој заврши мирно носеа и транспаретни на кои пишуваше „Епископ Партениј за митрополит“ и „Народот избра, гласот што не го броите“.
Еден од присутните верници, што го цитира пораталот, вели дека се собрале за да го изразат револтот поради одлуката за митрополит да биде поставено лице кое само неколку дена е во монаштвото, а од друга страна се запоставува некој кој 30 години активно работи и ги собира верниците околу себе.
Православни верници од повеќе епархии за утре во Скопје најавија протест со идентична порака како оној што се одржа во Охрид.
Според најавите, собирот под мотото ,,Гласот на народот – глас на Бога”, е закажан за во 12 часот пред резиденцијата на поглаварот на МПЦ-ОА во месноста Криви Дол во Скопје, во близина на Скопското кале.
„Верниците на МПЦ-ОА од неколку градови во Македонија организираат мирен собир со цел поддршка за предлог на епископ Партениј како кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, но и поради начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верниците се зачудени како архиепископот со еден кандидат како предлог се одржува избор?! Избор! Меѓутоа, за да има избор, треба да предложите повеќе кандидати!? Избор со еден кандидат е парадокс, а тој кандидат не е викарниот епископ Антаниски со 30 години монашко искуство! Црквата е народот, без народ нема ни Црква!“се наведува во соопштението со кое се најавува утрешниот протест на православните верници.
Порталот „Религија.мк“ завчера објави дека новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на архиепископот Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија при МПЦ-ОА. Архиепископот веќе го испратил предлогот до членовите на Синодот на МПЦ-ОА, а седницата за избор на нов митрополит ја закажал за 12 јуни.
Претходно во петокот со став во врска со предлогот за нов дебарско-кичевски митрополит излезе и универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски. Реагира дека изборот се врши на нетранспарентен начин во, како што вели, крајно чудна постапка.