ВИДЕО: Можна е евакуација – Вклучен и Ер Трактор во гаснењето на пожарот кај Визбегово
Пожарот што избувна во близина на дивата депонија меѓу скопските населби Визбегово и Шуто Оризари сè уште е активен и претставува закана за околните населени места. Поради сериозноста на ситуацијата и ризикот од ширење кон станбени објекти, веќе е вклучена и воздушна поддршка.
Според најновите информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), по нивно барање, авион Ер Трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) веќе интервенира од воздух во обид да се локализира огнената стихија.
„Во реонот на Визбегово, општина Шуто Оризари, во близина на дивата депонија, избувнал пожар кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи“, соопштија од ЦУК.
На градоначалникот му е укажано дека, доколку проценките покажат зголемен ризик, треба да се пристапи кон евакуација на населението од најзагрозениот реон.
Граѓаните од овој дел на градот се жалат на густ црн чад кој го покрива небото и бараат трајно решение за депонијата која со години претставува ризик за здравјето и безбедноста.
Видео: Слободен печат