ВИДЕО | Муареми: Никој криминалец не вели „повели докази и апси ме“, треба време за истрагите и соработка со Обвинителството

Арафат Муареми, директор на Управа за финансиска полиција / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Управата за финансиската полиција интензивно работи на повеќе случаи и во наредниот период ќе бидат обелоденети неколку предистражни постапки кои се водат против лица за кривични дела сторени во последниот период но и во минатото, вели првиот човек на оваа институција Арафат Муареми.

-Факт е дека пандемијата влијаеше во делот на забавување на истрагите но тоа не значи дека не работиме. Наредниот период ќе биде интересен. Ќе ги објавиме сите предистраги што ги работевме изминатиот период. Јавноста треба да биде информирана, а ние сме транспарентни во тој дел. Ќе информираме за секој криминал што се случил во минатото и сега, вели Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција во гостувањето во Утрински брифинг.

Тој посочи дека неговата институција нема многу добра соработка со Обвинителството за организиран криминал со кое раководи јавната обвинителка Вилма Русковска.

-Со ЈО имаме добра соработка, но со Обвинителството за организиран криминал и корупција не сме имале добра соработка, но ние не се предаваме и упорни сме да ги добиеме се она што ни е потребно и во наша надлежност за да си ја завршиме нашата работа. Јас овие две три години размислував каде се проблемите, но не можам да извлечам заклучок. Дали е системски или личен не знам но секако дека тоа не оди во полза на правната држава, само во полза на криминалците.

За да се процесуиран еден криминален случај треба време и напорна истрага, вели Муареми.

-Во предметите кои што се од кривичен аспект треба време, бидејќи некој кој сакал да изврши кривично дело, да се збогати на криминален начин тоа може да се случува две- три години, а ние за да го откриеме како на кој начин го извршил кривичното дело нас ќе ни требаат 6 месеци за да дојдеме до доказите како го стекнал своето богатство. Треба време и начин да се дојде до клучните докази. Никој криминалец не вели „повели докази и апси ме“. Но клучна е соработката со обвинителството и на тој начин да се забрза постапката, вели Муареми.

Тој нагласи дека во повеќе наврати побарале помош од Обвинителството за организиран криминал, но не ја добиле.

-Во одредени предмети не ја добиваме поддршката, ние сме на иста линија и треба да имаме меѓусебна соработка, дециден е Муареми.

Тој го коментираше и случајот со манипулациите со земјиште од страна на вработени во ЕВН за кој имаше реакции во јавноста и беше оквалификуван како политички притисок бидејќи во случајот беше вмешан татко на актуелен пратеник во Собранието.

-Случајот со ЕВН Електрани е во тек, кај нас нема политички влијанија, претреси правиме често. И ова требаше да остане тајно во предистрага но одредени луѓе излегоа и зборуваа за случајот. Да не излегоа тие случајот ќе се завршеше тајно со поднесок до Јавното обвинителство.  Кај нас не е само еден случај кој се води за ЕВН туку има и други процеси кој верувам дека за брзо ќе бидат завршени и јавноста ќе биде информирана, Арафат Муареми, директор на управата за финансиска полиција.

Тој истакна дека има добра соработка со Антикорупциската комисија и со МВР.

-Со ДКСК добро соработуваме, добиваме од нив информации, ги истражуваме и анализирама и потоа го известуваме надлежното јавно обвинителство. Генерално имаме добра соработка со државните органи и доколку немаме таква соработка, тоа само им оди во прилог на криминалците. Сметам дека потребна е поголема храброст на Јавното обвинителство и да бидеме заедно успешни во делот на откривање на криминалците, вели Муареми.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Back to top button
Close