(ВИДЕО) Муцунски и Ѓорѓиевски го истурија отпадот пред капијата на Дрисла

По комуналниот „крах“ на Скопје поради штрајк на вработени во јавното претпријатие, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ вчеравечер се самоорганизираа и почнаа со чистење на општините со кои раководат.

Меѓу нив и градоналникот на Аеродром, Тимчо Муцунски и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кои со камионите со смет од нивните општини се упатија кон депонијата Дрисла и оттаму преку пренос во живо доцна синоќа обвинија дека не им се дозволува да го депонираат ѓубрето.

Градоначалникот Муцунски тврди дека безброј пати го побарал директорот на Дрисла, но тој не одговорил на неговите повици.

„Имаме опција ѓубрето да го вратиме во градот Скопје, бидејќи на ниту една општина не и е дозволено ѓубрето да влезе во Дрисла – депонија за која сите имаме уредни договори. Подготвени сме да платиме, иако немаме обврска за тоа. Помеѓу опцијата да го вратиме ѓубрето во градот и да е предмет на потенцијална зараза, ние одбираме друга опција“рече Муцунски во јавување пред капијата на Дрисла синоќа.

Градоначалникот на Кисела Вода дополни дека повеќе од час и половина не им било дозволено да го депонираат отпадот внатре во Дрисла, по што, какошто рече тој, на своја одговорност, двајцата градоначалници одлучиле да го истоварат сметот пред депонијата.

„Нашите вработени ќе го одложат ѓубрето овде, пред Дрисла, на цела одговорност на Тимчо и моја лично. Ние стоиме позади ова затоа што не можеме да дозволиме градот и нашите општини да тонат во ѓубре. Жалам што некој нема разумност во овие моменти да ја отвори капијата и да дозволи да влезат камионите и покрај тоа што реагиравме и до Управниот одбор и до директорот. Тие што се одговорни на смена се сокрија, односно добија наредби да не се појавуваат тука, така што ние друга опција немаме“кажа Ѓорѓиевски.

Вчеравечер беше тензично и пред јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Директорката Косана Мазнева Николиќ се појави пред вработените кои неколку дена штрајкуваат и меѓу другото бараат нејзина смена.

На скандирањата „оставка!“, директорката одговори: „Вие вечер ќе работите“?

Штрајкот на вработените почна на 7. јули. Како главна причина тие го наведуваат отпуштањето на дел од работниците во претпријатието.

Другите барања се зголемување на платите, исплата на К-15 и бенефициран работен стаж.

Поради штрајкот, контејнерите во Скопје цел викенд се преполни. Затоа, дел од градоначалниците на скопските општини најавија дека самите ќе го расчистат сметот.

Back to top button
Close