(Видео) Најцрн ден за турските пожарникари: Десет загинати во огнената стихија кај Ескишехир, и Кипар е во пламен на 45 степени!

Десет пожарникари го загубија животот, а уште 14 се здобија со повреди додека се обидуваа да го стават под контрола големиот шумски пожар што беснее во провинцијата Ескишехир, во централна Турција. Трагичната вест ја соопшти турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли, во средата.

Според него, пожарникарските и спасувачките екипи се во постојана битка со пламените јазици во реонот Сејтигази уште од раните утрински часови. Во моментов се активни уште седум пожари во пет провинции во централна и западна Турција, додаде министерот.

И Кипар се соочува со огнена закана. Моќен шумски пожар се прошири северно од Лимасол, поттикнат од силен ветер и екстремни температури, што принуди властите да евакуираат најмалку четири села.

Портпаролот на кипарската противпожарна служба соопшти дека во погодениот регион, познат по лозарството, се причинети значителни материјални штети, вклучително и оштетени домови.

Кипар официјално побара помош преку механизмите на Европската Унија, а помош пристигнува и од Јордан.

Температурите на островот во средата достигнаа 43 степени Целзиусови, а според метеоролозите, се очекува да пораснат на 44 степени во четврток – највисоки досега оваа година.

Back to top button
Close