(Видео) Неизвесност околу судбината на Мадуро: Венецуела бара доказ за живот

Соединетите Американски Држави со години го обвинуваат венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека е на чело на меѓународна мрежа за трговија со дрога, обвинувања кои тој постојано ги негира. Американските власти претходно понудија и награда од 50 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење, потег што во регионот беше протолкуван како охрабрување за внатрешно свртување против него, особено во услови на значително зголемено американско воено присуство во последните месеци.

Американскиот претседател Доналд Трамп не соопшти детали за начинот на кој Мадуро бил приведен, ниту каде бил однесен по акцијата.

Трамп преку платформата Truth Social најави дека во 11 часот по источко американско време ќе одржи прес-конференција во неговата резиденција Мар-а-Лаго, каде се очекува да изнесе повеќе информации за воената операција и за судбината на венецуелскиот лидер.

Во меѓувреме, остануваат бројни непознати околу утринските напади. Не е јасно колкава штета е нанесена врз погодената воена инфраструктура, ниту колкав е бројот на загинати и повредени. Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино, изјави дека властите собираат податоци за жртвите и тврди дека дел од ударите погодиле и цивилни подрачја. Тој порача дека земјата ќе се спротивстави на присуството на странски војници.

Дополнителна неизвесност внесе и изјавата на потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, која соопшти дека владата не располага со информации за тоа каде се наоѓаат претседателот Мадуро и првата дама Силија Флорес. Таа нагласи дека венецуелските власти бараат „итен доказ за живот“ за двајцата, додека меѓународната јавност со внимание го следи развојот на ситуацијата.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close