(ВИДЕО) Нема да се градат бегалски кампови во Македонија, вели Милошоски
Договорот за стратешко партнерство со Британија, не предвидува и изградба на бегалски кампови во Македонија, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Тој вели дека Договорот е еден од подобрите и посериозните документи кои земјава ги постигнала со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, но не и бегалски кампови.
„Предвидени се одредени средства со кои во Македонија ќе се гради инфраструктура. Точно, ќе се градат железници, автопати, ќе се градат здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но, за жал на опозицијата која се обидува да спинува, нема да се градат какви било бегалски кампови. Британија откако излезе од Европската Унија, со сите земји од Западен Балкан, но и со самата ЕУ случува вакви договори, каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс, таму каде што Македонија и земјите членки и земјите кандидати на ЕУ имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите, тоа го прави Британија со овој дополнителен механизам, којшто е комплементарен со Фронтекс. И на крај, нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партнери, од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, во економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија“, кажа Милошоски во одговор на новинарското прашање денеска.
Деновиве, британски медиуми објавија дека Британија преговара да депортира одбиени азиланти во Северна Македонија. Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.
По написите, реагираше британската амбасада во земјава. Оттаму велат дека двете држави соработуваат во борбата против, како што пишува, нерегуларната миграција.
Во твитот, амбасадата не ги споменува објавите на медиумите и не дава конкретни коментари на нивните детални наоди за тоа каков договор се подготвува меѓу британската и македонската влада за префрлање мигранти. Само се вели дека „по клучниот состанок помеѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај“, Британија и Македонија воспоставиле „стратешко партнерство што се фокусира на градење долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка со цел да се продлабочи соработката и да се засили стабилноста и просперитетот на двете земји“.
Извор: 360stepeni.mk







