(Видео) Незаборавна вечер под ѕвездите: „Massive Attack“ приреди музички ритуал во срцето на Скопје

По цели 15 години, британската трип-хоп икона „Massive Attack“ повторно зачекори на македонска сцена, исполнувајќи го стадионот на АРМ со звук, светлина и силни политички пораки. Настапот беше дел од фестивалот „Скопје колинг“, во организација на „Авалон продукција“. Во публика од најмладо, до највозрасно.

Бендот се појави на сцена извикувајќи „Добро вечер“ на македонски јазик и ја отвори вечерта со песната „Risingson“, означувајќи го стартот на 90-минутниот настап. Сетлистата вклучуваше препознатливи класици како „Inertia Creeps“, „Unfinished Sympathy“, „Safe from Harm“, „Angel“, „Group Four“, „Take It There“ и „Teardrop“, изведени со длабочина што далеку ја надминува студиската верзија.

Зад нив, огромен видеоекран прикажуваше моќни визуелни пораки против војната, капитализмот и социјалната неправда – став што бендот го негува низ децении. Во публиката се вееше неколку палестински знамиња, а извици како „Слободна Палестина“ се спојуваа со звучниот ѕид од сцената, создавајќи силна симбиоза меѓу музиката и отпорот. Сцени од Газа, Украина, но и од Русија се вртеа на екранот.

Ова беше трет настап на „Massive Attack“ во Македонија, по концертите во 2006 и 2010 година, но според присутните – најмоќен досега.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close