(Видео)Незадоволни членови на СОНК попладнево во нов обид штрајкот да продолжи

Претседателот на СОНК пред само неколку часа изјави дека Советот на Синдикатот одлучил штрајкот да се стави во мирување додека трае мирното решавање на спорот

Членови на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) во моментов се собираат пред седиштето на Синдикатот бидејќи се незадоволни од одлуката штрајкот да се стави во мирување.

Ова следува само неколку часа откако претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дела Советот на СОНК ја донел одлука за мирување на штрајкот и продолжување на наставата во основните училишта од утре.

Одлуката на раководството на Синдикатот дојде откако Министерството за образование и наука (МОН) упати известување до СОНК за мирно решавање на спорот, а повикувајќи се на Законот за мирно решавање на работните спорови, во текот на денешниот ден испрати и барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес.

Неделков потоа на прес-конференција кажа дека Советот на СОНК расправал за известувањето од МОН и се консултирал со правници, па одлучиле штрајкот да го стават во мирување додека трае решавањето на спорот. Доколку не се постигне решение, порача тој, штрајкот повторно ќе се активира.

По ваквата одлука следува и собирот не незадоволни членови пред седиштето на СОНК, што не е првпат на ваков начин дел од членството да го изрази незадоволството од раководството на синдикатот. За потсетување, во понеделникот (25 април) СОНК и Владата постигнаа договор за 12 отсто покачување на платите, а веќе наредниот ден (26 април) незадоволно членство се собра пред седиштето на Синдикатот по што СОНК се предомисли и одлучи да го продолжи штрајкот.

 

 

Back to top button
Close