(Видео) Николов: За неполни два месеци во повеќе наврати на Хрватската граница утврдено е присуство на забранет пестицид во земјоделски производи од Македонија

За неполни два месеца во неколку пратки на извоз на зеленчук Хрватската гранична контрола за храна утврдила присуство на забранетиот пестицид хлорпирифос, изјави Перо Николов, член во Кабинетот на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

„ Овој пестицид е забранет во ЕУ од 2020 година и оттука се поставува прашањето како овој пестицид се најде на македонскиот пазар? – изјави Николов.

Тој додаде дека ова не е прв ваков случај на извоз на зеленчук од Македонија, во кој Хрватската гранична контрола го пронаоѓа забранетиот пестицид хлорпирифос, ист ваков случај имавме и лани кога во неколку пратки беше пронајден хлорпирифос.

„Во една од пратките се работи за небезбеден производ мешана салата извозен во Република Хрватска од Република Македонија. Во февруари повторно на Хрватската граница е задржана пратка на свеж зеленчук, морков, каде е потврдено присуство на забранетиот пестицид. Во моментов не го знаеме исходот на оваа пратка на зеленчук, односно дали истата била уништена во Република Хрватска или е вратена назад во Република Македонија.

Оттука прашуваме дали има позитивни резултати потврдени во нашите лаборатории, каде завршува зеленчукот и овошјето со пестициди? Поради нефункционалност на нашите институции Република Хрватска не има ставено под силен мониторинг и контрола, односно секоја пратка на зеленчук мора да биде подложена на строги лабораториски проверки со што директно се руши угледот на Македонија како извозник на земјоделски производи“ рече Николов.

Back to top button
Close