Видео: Нова опрема во ГОБ „8-ми Септември“, ќе се намали чекањето за мамографија, ултразвук и томографија
Три нови сали со нова опрема и апарати за интервентната кардиологија, радиологија и оториноларингологија се пуштени денеска во ГОБ „8-ми Септември“. Нивното користење се очекува да го намали бројот на чекања за коронарографии, каротидографии, ангиографии и стентирања.
Инсталирани се апарат за мамографија што може дневно да опслужи 60 пациенти, апарат за ултразвук, компјутерски томограф, два најмодерни дигитални апарати за конвенционални РТГ графии и апарат за навигација.
Салите ги пуштија во употреба премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Фатмир Меџити и директорот на ГОБ „8-ми Септември“ Христијан Костов. Како што беше речено, итните случаи со акутни инфаркти на миокард веќе нема да чекаат, туку нивното згрижување и прифаќање ќе биде итно и тоа нема да го наруши редовниот програм на пациентите закажани во редовниот термин.
-Пуштаме во употреба најсовремена опрема во три сали. Според она што докторите го кажаа, се работи навистина за најсовремена опрема. Еден дел од апаратурата е прв пат инсталирана во државата и не постои во ниедна друга јавна здравствена установа, а помага да се лекуваат пациенти и на кардиолошките клиники овде, меѓутоа и за потребите на другите оддели во „8 Септември“. И покрај сите предизвици предизвикани од енергетската и економската криза, обновувањето на здравствените капацитети не престана и постојано се одвива во сите јавни здравствени установи. Денес со пуштањето на овие три нови сали за интервентна кардиологија и интервентна радиологија кои се опремени со најсофистицирани и најмодерна опрема од светски реномирани производители се создаваат услови за најсовремени интервенции за пациентите ширум државата, рече Ковачевски.
Владата, додаде, ги следи барањата на болниците, клиниките и здравствените установи во државата и го поддржува нивниот развој, свесна за постојаните новини во медицината.
-Наш фокус е да создадеме модерно здравство, систем којшто ќе работи за доброто на граѓаните. Изминативе неколку години после долги децении за првпат се реновираа и се осовременија многу здравствени капацитети, се набави скапа опрема за лекување и не само во здравствените установи во Скопје туку и во здравствените установи ширум државата, бидејќи нашите граѓани заслужуваат здравство кое што е врвно, кое што се унапредува од ден на ден и кое што ги зголемува своите капацитети за згрижување на сите граѓани на коишто им е потребна здравствена нега, рече Ковачевски.
Тој упати посебна благодарност до народот на Јапонија кој, како што напомена, донираа дел од средствата со кои денеска салите се пуштија во употреба.
Министерството за здравство преку својата соработка со Светската банка и болницата ГОБ „8 Септември“ ги обезбедија останатите средства за комплетно инсталирање на оваа современа опрема.
-Заедно со премиерот денеска овде во ГОБ „8 Септември“ ги видовме трите сали за кардиологија и интервентна радиологија опремени со нови модерни ангиографии со што се создадени услови за интервентни кардиолошки и радиолошки процедури кои во исто време може да практикуваат на повеќе пациенти. Со ова уште повеќе се подига нивото на оваа здравствена установа, бидејќи во ГОБ „8 Септември“ скоро и да нема експертист што не се работи и на клиниките. Овие сали се за интервенции од областа на кардиологија и се сериозна помош за растеретување на Клинички центар, посебно во делот на сложените интервенции, истакна министерот Меџити.
Според него, трите нови сали кои почнаа со работа од денеска се од исклучително значење за намалување на листите на чекање за интервенции од областа на кардиологијата: коронарографии, каротидографии и периферни ангиографии, коронарни стентирања, стентирања на каротиди и стентирања на крвни садови на екстремитетите.
Тој се осврна и на пофалбите и критиките за работата на здравствените установи.
-Како министер, секогаш сум отворен да ги слушам добронамерните сугестии и критики, бидејќи излекувам поука од нив. Анализите кои ги правиме за унапредување на здравствениот систем не се за да се утврдат маани и пропусти, туку за да создадеме реформски системски промени за доброто на пациентите кои се нашиот фокус, подвлече министерот.
Директорот на ГОБ „8-ми Септември“, Костов објасни за што конкретно ќе се користат салите и опремата. Истакна дека нова опрема има и во Одделот за оториноларингологија.
-Имаме набавка на апаратот за мамографија што дневно може да опслужи до 60 пациенти, високософистициран апарат за ултразвук со висока резолуција, соодветен за најсофистицираните дијагностички процедури, компјутерски томограф од најнова генерација со 128-слајсен детектор, висока резолуција и брзина кој дневно може да опслужи до 40 пациенти, два најмодерни дигитални апарати за конвенционални РТГ-графии, апарат за навигација наменет за хирургијата на носот, синусите, ушите и базата на черепот со цел побезбедна хирургија особено во областа на оториноларингологија, како и СИ-АР за потребите на ортопедските интервенции, рече Костов.
Директорот во оваа прилика му врачи Благодарница на јапонскиот амбасадор.