(ВИДЕО) Објавена аудиоснимка за напорите да се ослабне Н1
Протече аудиоснимка од разговор помеѓу директорот на државната „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, кој важи за близок човек на српскиот претседател Александар Вучиќ и извршниот директор на „Јунајтед груп“, Стен Милер, а во која разговараат за стратегии за ослабнување на телевизијата Н1, која е трн во око на српските власти, објавија Н1 и КРИК.
Ова следува по вчерашната сторија на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), за заднинските напори за промени во раководните структури на групациите кои стојат зад критичките медиуми во Србија.
Во сторијата ОЦЦРП пишуваше дека Србија девет месеци живее во атмосфера на политички тензии, каде што илјадници граѓани излегуваат на улиците протестирајќи против корупцијата и авторитарното владеење на претседателот Александар Вучиќ, а Н1 со тоа што им дава простор на опозиционерите и на студентите, го навлекла гневот на властите.
Може да се слушне како Милер вели:
„Владо, не знам кој ти ветил што, но кога ветувам јас, тоа го одржувам. Јас сум човек од збор. Проблемот е што работите се случуваат пребрзо на многу начини, вклучително и во Србија, а јас имам помалку влијание таму отколку за што разговаравме кога се сретнавме во Белград. Не можам да ја отпуштам Александра денес, како што разговаравме. Морам да ја направам компанијата во Србија многу мала, ако ме разбираш што велам. Потребно е време и мислам дека треба да стигнеме до банките, за да можеме брзо да го направиме тоа. Разбирам дека е многу вознемирен, но морам да најдам време да го направам тоа брзо, не знам што ти ветил Никос, или некој друг.“
Александра Суботиќ им пречи на српските власти затоа што ја брани уредничката независност и покрај политичките притисоци, кои се интензивираа во текот на изминатите девет месеци со протестите.
По вчерашната сторија, Н1 и КРИК пишуваат дека неколку провладини медиуми тргнале во офанзива да ја девалвираат сторијата на ОЦЦРП, тврдејќи дека се лажни вести.
Сепак, аудиоснимката е своевиден доказ дека директорите разговарале за отпуштањето на Суботиќ, и за време на тој разговор и на претходен личен состанок во главниот град на Србија, Белград.
Лучиќ му рекол на Милер дека Вучиќ веќе разговарал за замена на Суботиќ со Никос Статопулос, претседател на „Би-си партнери“, британската инвестициска фирма која поседува мнозински удел во „Јунајтед груп“.
„Претседателот Вучиќ го замоли Никос да ја замени само Александра Суботиќ, а не и директорите на Н1 и Нова, бидејќи бил свесен дека сега е тешко да се смени директорот на Н1“рекол Лучиќ.
Српската влада ги отфрли тврдењата дека се меша во уредувачката политика.
„Би-си партнери“ испратиле допис до вработените дека никогаш нема да потпаднат под политички притисоци.
Н1 е највлијателниот медиум на „Јуанјтед груп“ во Србија, потсетува ОЦЦРП, наведувајќи дека оваа телевизија е трн во окото на администрацијата на Вучиќ. Каналот истражувал корупција, интервјуирал активисти и емитувал протести во живо каде што демонстрантите се судриле со полицијата за немири и насилни, провладини групи.