(ВИДЕО) Објавена снимка од претресот на „Табановце“:Им нашле околу 20 илјади евра. Пари криеле и во чорапите
Вкупно 12 лица добија кривични пријави од МВР како осомничени дека се дел од групата службеници вработени на „Табановце“ кои земале поткуп од лица кои ја минувале државната граница, соопшти МВР за акцијата која почна да се спроведува во неделата вечерта.
Тие се сомничат за делата злосторничко здружување, примање поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување. Деветмина од нив се приведени

Според сознанијата на МВР, групата организирано оперирала повеќе од две години, поточно од септември од 2020 година. Сите се вработени во полициската станица за гранични проверки „Табановце“, еден од нив е командир, друг е заменик-командир, еден раководител на смена, а останатите се полициски службеници и секој од нив имал точно определена улога. Сите се од Куманово, освен еден кој е од Кратово, а се на возраст од 23 до 47 години.
„За одредена парична награда, подароци и поволности кои ги добивале од лицата кои ја преминувале државната граница, координирано не преземале службени дејствија кои биле должни да ги преземат, при што се стекнале со голема противправна материјална и имотна корист. Секој член на оваа криминална група имал точно определена улога, при што И.Н., А.А. и Н.П., со умисла ги поттикнувале полициските службеници Д.К., В.Ф., Х.К., А.Д., Ф.К и Ф.И. да вршат кривични дела, овозможувајќи им полесно функционирање, заштита од контроли и проверки и други поволности при работењето, а од коруптивните кривични дејствија добивале соодветен процент од ’заработката‘ во текот на денот. Кај пријавените А.С., Ј.Н. и М.Ј., пак, при извршените претреси е пронајдена одредена сума на парични средства која не смееле да ја поседуваат додека извршуваат работни задачи во кабината за гранични проверки, при што го сториле кривичното дело ’примање поткуп‘“,соопшти МВР.
Од Министерството објавија и видео од извршениот претрес на „Табановце“ од кое се гледа дека пари во полициските кабини биле криени во кутија од цигари, а во акцијата осомничените биле проверувани и дали кријат пари во чорапите и кондурите.
Покрај на Табановце, претрес е направен и во автомобилите и домовите кај осомничените. Вкупно, според податоците од МВР, пронајдени се околу 20 000 евра и тоа: 16 413 евра во различни апоени, 219 195 денари (околу 3 500 евра), 60 швајцарски франци (околу 60,5 евра) и 375 српски динари (околу 3 евра).
„Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., односно вкупно 15 885 евра и 30 швајцарски франци. Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка“,соопштија од МВР.
Детали објавија и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), па во однос на парите (420 евра и 20 франци) наведоа дека дел се пронајдени во метален сад сместен во висечки орман.
Покрај кај споменатиот полициски службеник Х.К., наведен во соопштението од МВР, од ОЈО ГОКК наведуваат дека голема количина е пронајдена и кај првоосомничениот – командирот во износ од 210 000 денари (околу 3 400 евра).
Дополнителните детали од обвинителството за тоа како се организирала групата откриваат и дека командирот влијаел на тоа тројца од корумпираните полицајци да бидат распоредени во кабините на граничниот премин каде има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата, па така земајќи поткуп пропуштале возила без зелен картон, возачи без полномошно итн.
„Тројцата како полициски службеници кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10,20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службено дејствие кое не смееле да го извршат – да пропуштат возила што немале зелен картон за влез и за излез во државата, немале полномошно за управување со возилата, немале патни исправи, возачки дозволи или друг задолжителен документ“,велат од ОЈО ГОКК додавајќи дека од примениот поткуп, тие секој месец на командирот му давале по 150 евра.
Против командирот и овие тројца вработени, Обвинителството најави дека е отворена истрага за злосторничко здружување и примање поткуп, додека останатите лица пријавени од ќе ги гони по скратена постапка за злоупотреба на службената положба и овластување.
Од вкупно 12 пријавени од МВР, од ОЈО ГОКК побарале судот да одреди мерки за вкупно 11 лица од кои: за четворица притвор, за двајца пократок протвор од осум дена, а за петмина мерки за обезбедување присуство.
Од Основниот кривичен суд Скопје, пак, се огласија дека од четворицата за кои се барал притвор – за тројца е прифатен предлогот, додека за еден осомничен е определен куќен притвор.
За останатите двајца што се гонат по скратена постапка прифатено е барањето за осумдневен притвор, додека мерки за претпазливост се определени за тројца