Видео: Очевидецот Влатко Здравков 100 души лежат, фаќаш кој има пулс, тие да ги спасиме
Според очевидци, пожарот започнал кога пиротехнички средства употребени за време на настапот ја запалиле запаливата таванска конструкција на клубот, предизвикувајќи брзо ширење на огнот. Во тој момент, во клубот имало околу 1.500 посетители, што е двојно повеќе од дозволениот капацитет. Ова предизвикало паника и стампедо, при што многумина се здобиле со сериозни повреди.
Очевидецот Влатко Здравков за „Дојче Веле“ вели дека „Кочани е мртов град“, нема со генерации да се оправат по трагедијата.
„Морничаво. 100 души лежат, фаќаш кој има пулс, тие да ги спасиме. Да се стават во коли да се носат. Тие што немаа, јасно ви е, се тргаат настрана. Изгорени, згмечени, загушени, повеќето со изгореници се починати, некои од струја. Тоа се наши деца, ни умреа децата на нас“, рече Влатко Здравков.
„Оваа трагедија што нè снајде. Кочани е мртов град, со генерации нема да се оправи. Се чувстуваме како да ни починале нашите деца. Гледавме да ги спасиме прво тие што имаа пулс, околу 100 лица лежеа. Имаше изгорени, загушени од чад, згмечени, некои од струја. Тоа се наши деца, ни умреа децата“, вели Влатко Здравков за „DW Македонски“.