(ВИДЕО)Од денеска: НАТО-Центар за поддршка ќе им помага на домашните компании да учествуваат на тендери на Алијансата

Компании од земјава ќе може да учествуваат на тендери за потребите на НАТО, кои на годишно ниво изнесуваат 5 милијарди евра. Ова ќе се овозможи преку НАТО- Центар за поддршка на домашните компании што од денеска ќе функционира во Министерството за одбрана.

Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-министерот за финасиии Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Министертството за одбрана објаснија што ќе биде функцијата на центарот.

„Членството во НАТО ни овозможи сигурност на безбедносен план, но носи и големи придобивки за економијата. Компаниите можат да аплицираат и да заработат од вкупниот буџет од 5 милијарди евра. Нашите компании се рамноправни со другите фирми од земјите членки на НАТО и пред нив има огромни можности за заработка“,рече Заев.

Тој појасни дека НАТО-Центарот за поддршка ќе биде точка од која компаниите ќе ги добиваат сите информации за учество на тендерите, а не само бирокаратска алатка туку алатка која ќе им помага на фирмите.

 

„Компаниите имаат можност да станат деловен партнер на Алијансата, за што ќе добиваат сеопфатна поддршка. Државата ќе помага, но најмногу ќе зависи од подготвеноста на компаниите да се прилагодат и да учествуваат во тендерите на НАТО. Секој добиен тендер не е само поголем профит и сериозна референца за компаниите, туку и плус приход за нив и придонес за развој на државата“,рече Заев.

Истакна дека имаме квалитет и цени со кои сме конкурентни, а се отвора можност и за ИТ-компаниите.

Министерката Шекеринска, пак, објасни дека во НАТО-центарот домашните компании ќе имаат поддршка, не само административна, туку и за успешно аплицирање на тендери и поврзување со светските гиганти кои веќе имаат договори со НАТО-агенциите, а имаат потреба и од добавувачи.

„Ншето членство во НАТО-Алијансата сакавме да го гледаме и како шанса за зголемена ефикасност и мислам дека денешното отворање официјално на Центарот покажува дека навистина сме  ја зголемиле ефикасноста и на нашите институции. Со навистина многу добра соработка со Министерството за финансии успеавме во многу брз рок да се донесе законот којшто ни ја даде шансата да се формира Центарот и да се отвори процедурата за домашните компании – рече Шекеринска.

Веќе има и заинтересирани компании кои сакаат да ја почнат процедурата за учество во НАТО-тендери и ги охрабри домашните компании да се впишат во евиденцијата на економски оператори и да се здобијат со потврда којашто ќе ја издава Министерството за одбрана за исполнетоста на условите за учество во постапките на НАТО тендери.

 

Сите информации можат да ги добијат на веб-страницата на МО, а ќе се настојува процедурата да биде наједноставна и најбрза.

Заменик министерот за финансии Ковачевски најави дека ќе има интензивна соработка со стопанските комори и со компаниите на кои им стојат на располагање да им помогнат да се вклучат во тендерските постапки на НАТО, вредни пет милијарди евра на годишно ниво.

Тој укажа и дека искуството на сите земји-членки покажало дека со вклучувањето во НАТО, покрај зацрврстување на безбедноста, се оставруваат и бројни економски бенефити за државата.

 

 

 

Back to top button
Close