ВИДЕО | Од две градинки во Карпош правиме една, бидејќи нема персонал, се пожали Јакимовски

Во градинката „Орце Николов“ минатата година заминале осум вработени – негувателки, воспитувачки и технички персонал – и за ниту едно место не е добиено одобрение за вработување. Слична е состојбата и во градинките „Распеана младост“ и „Пролет“, каде во пензија заминале повеќе негувателки и воспитувачки, но за ниту едно место не е добиена дозвола за нови вработувања.

Во градинките во општина Карпош недостасува персонал, а на местото на воспистувачките и негувателките кои заминале во пензија не се одобруваат нови вработувања. На нефункционалноста на државниот систем денеска реагираше градоначалникот Стевчо Јакимовски , кој укажа на сериозните проблеми со кои се соочува локалната самоуправа при обезбедување основни услуги за граѓаните.

Имаме апсурдна ситуација – од две градинки да правиме една, бидејќи нема персонал. И покрај тоа што градинките ни се полни, родителите ако сакаат да плаќаат, ние да сакаме да вработиме – не можеме. Веќе една година Владата не успева да реши основно прашање: издавање лиценци за негувателки и воспитувачки. Без лиценци – нема вработувања, иако парите се предвидени во државниот буџет!, посочи Јакимовски на денешната прес конференција.

Тој истакна дека во градинката „Орце Николов“ минатата година заминале осум вработени – негувателки, воспитувачки и технички персонал – и за ниту едно место не е добиено одобрение за вработување. Слична е состојбата и во градинките „Распеана младост“ и „Пролет“, каде во пензија заминале повеќе негувателки и воспитувачки, но за ниту едно место не е добиена дозвола за нови вработувања.

Министерството за финансии на 3 декември ни одобри пет вработувања со важност до 31 декември, а Министерството за труд и социјална политика ни ги достави одобренијата дури на 3 февруари. Ете така функционира системот во кој живееме – нефункционален и партизиран. Истите барања повторно ги поднесовме – пак сме одбиени, иако средствата се веќе одобрени во буџетот на државата, нагласи градоначалникот на Карпош.

Јакимовски исто така реагира на одлуката на Министерството за образование да ѝ одземе на општината 16 милиони денари за образованието, како и на фактот дека Министерството за транспорт и врски  држи заглавени три важни урбанистички планови. Особено загрижувачки, според него, е барањето на Министерството за внатрешни работи, кое доставило допис до Општина Карпош да достави цела легализациска документација за објектите на потегот од „АБЦ“ клубот до раскрсницата со булеварот „8-ми Септември“.

Јавно го прашувам министерот – дали вакво писмо сте испратиле и до Чаир? Или можеби до Аеродром?, праша Јакимовски.

Тој укажа и на апсурдната ситуација што на седница на Генералниот секретаријат на Владата, како точка на дневен ред, се разгледува предлог-одземање на спортската сала „Партизан 4“ од локалната самоуправа на Карпош, иако општината вложила средства во нејзиното одржување.

Прво ни ги земаа бараките, сега сакаат и спортската сала. Во Карпош не дозволуваат да се вработи ниту еден човек во градинките, каде имаме зголемен наталитет. Додека ние се бориме за подобри услови, централната власт не прави ништо, рече Јакимовски.

Според него државата не може да ја водат луѓе кои создаваат проблеми наместо решенија  и посочи дека нема никакви реформи , особено во урбанизмот, а дека целата реформа се сведува на тоа да се оневозможи граѓаните да знаат дека нивниот сосед гради.

Извор: Слободен Печат

Back to top button
Close