(ВИДЕО) Огњеновиќ: СДСМ поднесе пријава до ДКСК за тендерите од 9 милиони евра, заедно со сите докази
Премиерот Мицкоски вчера во емисија јавно изјави дека ако објавениот скандал од СДСМ за тендерот од 9 милиони евра е корупција и криминал, нека реагираат институциите, тој нема ништо против.
Еве денеска сме пред Државната комисија за спречување корупција, да поднесеме официјална пријава со сите документи, докази и информации што ги објавивме изминативе денови, се вели во изјавата од Петар Огњеновиќ од СДСМ.

Како што ветивме, нема да дозволиме ова да остане само на прес конференции. Институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да следува одговорност.

Кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра, што е тоа ако не шема за испумпување пари од граѓаните?
Кога од 6 дури четири милионски договори се со Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски тогаш што е тоа ако не фаворизирање на омилени фирми?
Ова се истите шеми на Никола Груевски. Христијан Мицкоски е само негов ученик и продолжувач на истите методи.
Денеска ја поднесуваме пријавата, бараме ДКСК да отвори предмет, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи.
СДСМ ја продолжува борбата против криминалот и корупцијата. Работата сè уште не е завршена.






