ВИДЕО | Јордановска: Случајот Тот се разреши за 24 часа, но опасно е што граѓаните сакаат да се информираат од Фејсбук

Загинувањето на ракометарот Денис Тот предизвика многу контроверзи со тоа што се променија неколку стории и неколку верзии кои се споделија со екстремна брзина.

 

-Хрватските медиуми објавија дека станува збор за насилна смрт, а нашите медиуми повикувајќи се на КАРИЛ и МВР објавија дека не е насилна смрт. Меѓутоа има снимка од Сејф сити за насилниот напад. Убиството се случува пред дискотеката Привилиџ, Тот им пререкува нешто на обвинетите кои се во такси возило. Тие излегуваат од возилото, таксито заминува, еден од осомничените му удира еколку бокса на Тот и тој многу бргу паѓа. Додека е паднат девојката продолжува да го удира, а вториот осомничен се обидува да ја тргне. Кога сфатиле осомничените дека е во бесознание се обиделе да му помогнат со вештачко дишење, вели новинарката Мери Јордановска, од Вистиномер.

Мери Јордановска за Утрински брифинг додава дека КАРИЛ не е институција која треба да ја каже причината на смртта, а факт е дека немало видливи знаци на повреда. Тој имал едем на мозокот, а која е причината за тоа се утврдува со обдукција, објаснува Јордановска.

Хаосот настанува со брзото ширење на половични информации преку интернет имајќи ја предвид недовербата на граѓаните кон институциите поради што се склони да мислат дека имало обид за прикривање на настанот, коментира Јордановска додавајќи дека тоа не е така бидејќи случајот се разреши за 24 часа, а најсериозниот осомничен е притворен.

Кога станува збор за вториот осомничен кој е во бегство, Јордановска вели дека тој бил и претходно познат на полицијата, па дека дури и дома му била пронајдена лабораторија за производство на синтетички дроги.

Медиумите во овој случај не знаеја како да постапат со оглед на тоа што извори на информации имаше многу, а информациите што пристигнуваа беа контрадикторни.

-Се заглавивме во лавиринт од информации, вели Јордановска. – Мене ме плаши што Фејсбук стана начин на информирање на граѓаните. Ќе прочитаат нешто на Фејсбук и сметаат дека добиле информации од релевантен медиум.

Back to top button
Close