(ВИДЕО) Отпадот од Западна во Југоисточна Европа

Криминалците се креативни во нелегалните активности со отпад. Во Германија годинава беше откриен случај во кој криминална мрежа закопувала опасен отпад под темелите на градилишта и го фрлала во вештачко езеро, пишува Нота.



Нема македонски државјани вмешани во случајот, но во германската полициска статистика од 2015 до 2024 има 125 македонски државјани поради неовластено ракување со отпади, како и двајца за нелегален увоз, извоз и транзит на отпад. Во неа има и 21 Бугарин за транспорт на отпад, 1.471 за неовластено ракување со отпад, како и 24 за увоз, извоз и транзит на отпад. Во германската криминалистичка статистика се појавуваат и осум Срби за транспорт на отпад, 725 за неовластено ракување со отпад, како и 14 за увоз, извоз и транзит на отпад.

Прашавме во министерства, судови, обвинителства, царини и инспекторати од Германија, преку Италија и Австрија до сите поранешни југословенски републики, вклучувајќи го и Косово, како и Албанија, Грција и Бугарија – дали луѓе или фирми од овие три земји се вмешани во нелегални активности со отпадот. Добивме одговори само од некои земји.
Од Инспекторат на Република Словенија за природни ресурси и просторно планирање ни одговорија дека:
„Во периодот помеѓу 2015 и 2025 година, надзорните органи на Република Словенија (Инспекторатот, Финансиската служба на Република Словенија и Полицијата) обработија вкупно 12 нелегални пратки со отпад. Тие случаи се практично од 2019 година па намваму. Не се откриени нелегални пратки помеѓу 2015 и 2018 година“.
Барбара Шубиќ, советничка за односи со јавноста во оваа словенечка институција, не информираше дека во 2019 биле откриени три пратки со отпад со несоодветна документација. Во два случаи се покажала декларација за отпадна пластика, а се носел мешан отпад, додека во третиот случај се носеле отпадни оловни прачки и мрежа.

„Земјата на испраќање беше Италија, дестинацијата беше Бугарија“, информира Шубиќ и додава дека и во 2020 се носела наводна отпадна пластика. „Во два случаи, дестинацијата беше Србија, а во еден случај Бугарија. Во сите случаи, всушност била транспортирана мешавина од отпад“. Таа додава дека и следната 2021 година била применувана истата шема. „Откриени се две пратки отпадна пластика без соодветна документација. Едната била испратена од Белгија кон Србија, а другата од Словенија кон Бугарија“.Во 2022 година, пак, „бугарски државјанин, со привремен престој во Словенија, транспортирал отпадни батерии и метален и неметален отпад од Австрија во Словенија без документација. Финансиската служба на Република Словенија изрече казна и го придружуваше возилото до фабрика за рециклирање, каде што отпадот беше предаден на преработка“, вели Шубиќ. И во 2023 година била откриена пратка со наводна отпадна пластика, а всушност мешавина од отпад од Италија за Бугарија. Во минатата година во Словенија се откриени два случаи на нелегални активности со отпад. „Во првиот случај, бугарски државјанин, со привремен престој во Словенија, се обидел да транспортира разни видови отпад од Австрија во Словенија без соодветни документи. Пратката била вратена во Австрија. Во вториот случај стануваше збор за нелегален извоз на употребувана електрична и електронска опрема од Шведска во Србија, каде што извозните процедури се одвиваа во Словенија. Бидејќи пратката не беше придружена со документација за функционалноста на опремата, таа беше прогласена за нелегална“, нагласува Шубиќ и додава дека во сите случаи отпадот бил вратен во земјите на испраќање.
Казните за прекугранични пратки на отпад се движат за правни лица од 10.000 до 40.000 евра, за одговорни лица на правните лица од 1.500 до 4.000 евра, а за физички лица од 800 до 1.200 евра. Надвор од регулативата на ЕУ, доколку станува збор за кривично дело регулирано со Кривичниот законик на Република Словенија, казните се движат од парична казна до затвор од една до осум години, a во случај на кривично дело сторено во рамките на криминална организација, казната затвор е од една до 12 години.

Полицијата во Словенија открила и нелегални активности на бугарска и српска компанија. Драго Менегалија од Генералниот полициски директорат нѐ информира дека: „Во случајот со бугарските компании од 2022 година, стануваше збор за нелегални пратки на отпад од Бугарија кон Словенија. Пратките беа испраќани во подолг временски период. Тоа беа пратки на отпад придружени со нецелосна, односно лажна содржина. Овие кривични дела беа откриени на автопатите како нелегални транспорти на отпад со камиони“.
Срби, пак, фрлале нелегален отпад од Италија во заштитено подрачје во Словенија.
„Во еден случај, полицијата истражуваше сомнително загадување на животната средина, каде што една компанија и одговорно лице од Србија беа осомничени за нелегално исфрлање отпад во заштитено подрачје. Во друг случај од 2022 година, вклучени беа српски државјанин и словенечка компанија осомничени за испраќање големи количини нелегален отпад од Италија во Србија. Отпадот беше оставен во Словенија. Сите споменати случаи на исфрлање и загадување се случија во Словенија. Во овие случаи, српска компанија дејствуваше како организатор на пратките со отпад. Отпадот беше исфрлен или оставен во објекти без соодветно рециклирање, а државата го исчисти. Во случаите каде што беше вклучена српската компанија, отпадот се состоеше од мешан пластичен отпад. Воопшто земено, поголемиот дел од нелегалните пратки на отпад откриени во Словенија се однесуваат на пластичен отпад. Одредени случаи сè уште се во судска постапка, па затоа не можеме да дадеме дополнителни информации. Како правило, пратките на отпад што се запираат во транзит се враќаат во земјата на потекло“, објаснува Менегалија.

Македонски правни или физички лица досега не се евидентирани во словенечката криминалистичка статистика. Во соседна Хрватска Државниот инспекторат ни одговори дека само меѓу 2020 и 2024 година се откриени 1.382 нелегални пратки на отпад или вкупно околу 28.000 тони. Во оваа хрватска институција објаснуваат дека затворските казни се движат од една до 10 години, а доколку со нелегалните активности со отпад се предизвика смрт, тогаш затворската казна е од три до 15 години.
Во српското Вишо јавно обвинителство ни одговорија дека бараните податоци за нелегални активности со отпад не се содржани во ниту еден документ на јавното обвинителство. Српската царина, пак, ни одговори дека не е во можност да достави податоци за увозот и извозот на отпадот, „бидејќи таквата стока може да се сврсти на различни начини во царинската тарифа“.
Во Косово и Грција нѐ препраќаа да се обратиме во друо министерство, но одговори на крајот не добивме. И ветените одговори од албанската Царина не ги добивме. Глуви останаа и институциите во Италија, Босна и Херцеговина и Косово.

Во октомври 2019 бугарските власти на пристаништето во Варна запленија италијански отпад увезен од фирма на македонските државјани Горан Ангелов, во тоа време директор на депонијата „Дрисла“ во Скопје, и Блаже Игнатовски, како и Италијанците Винченцо Трасари и во меѓувреме починатиот Ецио Бушче. Тогаш медиумите јавија за 25 контејнери со 500 тони токсичен цврст и течен отпад, којшто требало да биде изгорен во термоелектраната Бобов дол. Бугарската Царина ни открива дека станувало збор за многу поголема пратка.
„Во случајот што го споменавте, стоката беше повторно извезена (вратена) во Италија на почетокот на 2020 година по одлука на Обвинителството. Тие беа дел од поголема пратка од вкупно 127 контејнери со отпад, од кои сите беа вратени во Италија“, информира бугарската Царина.
Прашавме во Дрисла дали имало обид за депонирање на странски отпад.
„Јавното претпријатие Дрисла Скопје нема дозвола за увоз на отпад и никогаш на депонијата не бил примен отпад од странство“, стои во одговорот од претпријатието.
Покрај јавни комунални претпријатија, на Дрисла отпад носат и приватни компании.
„Привани компании на депонијата Дрисла носат само индустриски отпад, технолошки отпад, градежен шут, прехранбени стоки, медицински отпад и лекови и отпад кој содржи азбестни компоненти. ЈП депонија Дрисла за наведените видови на отпад кои ги прима и третира на депонијата Дрисла склучува годишно над 1.500 договори“.
Меѓу 2014 и 2024 година за над два милиони тони, или точно 2.218.533 тони, е зголемено количеството на отпад што годишно се депонира во Дрисла.

Назад во Бугарија. Царината во оваа земја нѐ информираше и дека „во 2021 година, на Пристаништето Бургас – Центар, по физичка инспекција на пет контејнери декларирани како пластичен отпад, беа утврдени прекршувања на Законот за управување со отпад и Регулативата на ЕУ бр. 1013/2006. Транспортот немаше потребна документација, а отпадот пронајден внатре не одговараше на описот во декларацијата. Вкупно 75.700 кг отпад беа задржани. Во 2023 година, на Царината во Благоевград, беше запрена пратка со оризови лушпи наменети за согорување. По инспекција и наложена мерка од регионален инспекторат во Благоевград, товарот од 26.570 килограми беше уништен. Испраќач на пратката беше правно лице од Република Северна Македонија“.
Со наредба на министерот за животна средина и води од февруари 2020 година во Бугарија бил воспоставен Оперативен центар за контрола на прекуграничен транспорт на отпад, нѐ информираа од оваа институција. „Со Уредба на Владата од јуни 2020 година беше формирана нова дирекција – Национален координативен центар при Министерството за животна средина и води, која има функции за координација на контролни активности и оперативна контрола“, информираат од ова бугарско министерство и додаваат: „Податоците покажуваат дека во периодот од воспоставувањето на оперативниот центар во 2020 до 31.12.2024, нерегулираните пратки се намалиле од 11,62% на 0,2%“.

Во минатите пет години во шест случаи во Бугарија се појавуваат македонски и српски државјани инволвирани во нелегални активности со отпад.
„За периодот 2020–2025 година, утврдени се вкупно 428 прекршувања при увоз на отпад поврзани со недостиг на дозвола за активности за преработка и транспорт на отпад. Шест од овие прекршувања се од лица од Република Србија и Република Северна Македонија“, информира бугарското Министерство за животна средина и води.
Во овие случаи на лица од Македонија и Србија, 3,41 тони биле внесени како „искористени катализатори“, 18.318 тони отпад како „компоненти отстранети од опрема на крајот од животниот век“, 22,82 тони отпад биле декларирани како „пластична амбалажа“, 12,42 тони отпад како „стаклена амбалажа“, а 24,45 тони отпад како „хартија и картон“.
„Отпадот бил наменет за и стигнал до постројките за преработка на дестинација. За овие шест прекршувања при увоз од Република Северна Македонија и Република Србија, Регионалниот инспекторат за животна средина и води составил Акт за утврден административен прекршок за компаниите и испратил писма до граничните власти за следење на понатамошни пратки од истите компании и спречување на нивниот товар да влезе во земјата доколку не е загарантиран еколошки третман“, информира бугарското Министерство за животна средина и води.
Отидовме во германското Сојузно министерство за животна средина во Берлин за да прашаме дали некој воопшто контролира каде се прават извозите на отпад од оваа земја?

„Ако сега, на пример, сакам да испратам пластични отпади од ЕУ во некоја земја надвор од ЕУ за да се рециклираат, преработат или исчистат, со цел подоцна од нив да се добие друга пластика, секундарен пластичен материјал, тогаш мора да се обезбеди доказ дека постројката за рециклирање — на пример во Турција, Македонија или Србија, во зависност од тоа каде се наоѓа — може да рециклира според стандардите на Европската Унија. Тоа е важно. Не смее да се извезува во постројка што, во суштина, не ги исполнува стандардите на Европската Унија“, објаснува Штефан Габриел Хауфе, портпарол на германското Сојузно министерство за животна средина, заштита на климата, зачувување на природата и нуклеарна безбедност.
„Постојано има нелегално отстранување на отпад. Се случуваат и нелегални извози на отпад. Тоа ни е познато. Тоа делумно се зголеми откако кинескиот пазар за пластика, односно кинескиот пазар за рециклирање на пластика, во суштина беше затворен – откако кинеската влада реши значително порестриктивно да ги регулира увозите на европски пластичен отпад, а делумно и да ги забрани. Затоа е важно властите да можат да вршат контроли. И тие навистина го прават тоа“, тврди Хауфе.
Организацијата Гринпис тврди дека таа контрола недостасува и наведува пример од 2021 година со околу 140 контејнери полни со германски пластичен отпад, а конфискувани на турско пристаниште.

„Контејнерите потекнуваа од германски компании. Ниедна компанија, ниту некој германски орган беа подготвени да го организираат враќањето. Некои контејнери беа испратени во други земји – вклучувајќи ги Виетнам, Хрватска, Велика Британија и САД. Како што покажува примерот со контејнерите, но и другите наши истражувања, трговскиот синџир често е сложен, со бројни посредници. Истовремено, недостасува доследна контрола врз огромните количини. Една од главните причини зошто оваа нелегална трговија е профитабилна за германските компании лежи во разликите во трошоците. Стручната рециклажа, или термичката обработка, на тешко рециклирачката пластика во Германија е релативно поскапа и строго регулирана. Преку извозот, легален или нелегален, овие трошоци можат драстично да се намалат или целосно да се избегнат. Дополнително, синџирите на снабдување се нетранспарентни за надворешни лица, а одговорноста лесно може да се префрли на подизведувачи и посредници“, објаснува Јакоб Клухерт од истражувачкиот тим на „Гринпис“.

Австриската канцеларија на Гринпис летово објави дека, со уреди за следење на локацијата, девет месеци го набљудувала патувањето на 20 парчиња донирана облека, кои вкупно поминале речиси 81.000 километри, или како двапати да го обиколиле светот. Тие биле дистрибуирани низ три континенти во девет земји без функционални системи за отпад. На крајот дел од облеките останале во магацини, а дел биле изгорени како гориво во фабрички печки.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработници: Сања Петров и Станимир Вагленов
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.






