(ВИДЕО) Пендаровски: Нека се јави еден бугарски граѓанин кому му бил забранет влез освен на провокаторите
Македонско-бугарските односи се влошуваат, е оцената на шефот на државата Стево Пендаровски по последните случувања околу одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, како и претходно усвоената декларација во бугарскиот парламент со која се осудува насилството врз македонските Бугарија.
„Имавме извесно смирување после прифаќањето на европската преговарачка рамка, минатото лето влеговме во скрининг процесот. За жал, роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите, по мене сосема непотребно. Меѓутоа, мислам дека е неподелена оценката – 4 февруари од наша страна, како држава, сосема до крај, 100-процентно го положивме испитот и покажавме како една сериозна европска држава треба да се однесува со почитување на правата на луѓето да оддадат почит на големиот македонски револуционер и притоа да се изолираат сите оние кои доаѓаат со лоша намера односно со намера да провоцираат и предизвикуваат немири – изјави денеска Пендаровски.
Според него, ситуацијата на границата, каде што тројца бугарски државјани беа приведени, а потоа казнети и протерани поради односот кон македонската полиција, е кристално јасна, а земјава се однесувала европски и идентично како што се однесува секоја друга држава во Европа.
„Сите оние што влегоа од Бугарија во Северна Македонија и сакаа да отидат на гробот на Гоце Делчев, тоа им беше овозможено. Оние што се обидоа да ја нападнат полицијата се разбира заработија прекршочни пријави и депортација од нашата земја. Секоја европска држава го прави тоа на идентичен начин. Нека ни се јави еден граѓанин на Република Бугарија кому му било одбиено да влезе и да оддаде почит на Гоце Делчев, се разбира освен оние што правеа проблеми, за што има видеоснимки – смета претседателот.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој зборуваше и за македонските Бугари кои за односот на властите во Скопје постојано реагираат во Софија, но и во Брисел каде што минатата недела беа на средба и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тоа што тие го прават, според Пендаровски, не е ништо ново и потсетува дека и според договорот со Софија од 2017 година државјаните на Северна Македонија за своите проблеми треба да се обраќаат до македонските институции.
„Тие не можеа да разберат од самиот почеток, иако беа примени и од мене и од другите државни авторитети, зборувам за две-три години наназад, дека и според билатералниот договор што го имаме со Бугарија и според сите меѓународни норми државјаните на РСМ треба да се обраќаат и да ги бараат своите права, ако мислат дека им се загрозен, во РСМ од македонските институции. За жал, тие тргнаа по обратниот пат и мислам дека го избраа погрешниот. Тоа не значи дека ние нема да ги сервисираме нивните потреби, исто како и секој друг македонски граѓанин. Меѓутоа, мислам дека џабе го губат времето зборувајќи со европски институции, судот во Стразбур, а ако претходно не се реферирале и не побарале поддршка или барем да објаснат што е нивниот проблем тука во Скопје – вели Пендаровски.
Бугарскиот парламент минатата недела усвои и декларација со која го осуди, како што тврди, насилство врз нив. Документот од властите во земјава беше оценет како неоснован и во прилог на провокаторите. Шефот на државата, пак, во денешната изјава носењето на декларацијата го протолкува како документ кој е за потребите на домашната политика во очи на парламентарните избори.
„Ние имаме рамка, после преговарачката европска рамка, ние имаме сега формална рамка која се нарекува скрининг, фаза скрининг која треба да заврши до крајот на ноември оваа година. Декларацијата на бугарскиот парламент во очи на нивните избори, не се разликува по ништо, дури не е ни толку лоша од декларациите кои ги видовме три години во нивниот парламент. Она што е битно е што е европска преговарачка рамка одобрена од сите 27 земји-членки, вклучително и од Бугарија. Ова се унилатерални декларации кои до овој момент не добиваат поддршка од никого во Брисел. Се разбира дека нема ни да добијат. Сакам да ги толкувам како нивна домашна политичка потреба во очи на изборната кампања – вели Пендаровски.
Шефот на државата за односите со Бугарија одговараше на прашања кои ги доби на заедничка прес-конференција со претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која, пак, рече дека ако може нејзината земја би сакала да помогне да се надминат несогласувањата помеѓу Скопје и Софија.
Таа претходно беше и во Бугарија и со двете посети (на Софија и Скопје), вели дека имала цел да се запознае со размислувањата на двете страни.
„Како што бевме еден од најголемите поддржувачи на Македонија во НАТО, се надевам дека наскоро ќе може да ја поздравиме земјата и во ЕУ. Ние ќе се обидеме ако имаме можност да придонесеме кон тоа меѓусебните несогласувања што побргу да се расчистат- рече Новак.